Нова книга на Роберт Гауди има наслов кој повеќе асоцира на оторалингологија отколку на историски конфликт помеѓу две империи. Но „Војната за увото на Џенкинс“ е токму тоа, инцидент кој се случил во 1731, кога шпански командант на крајбрежна стража му откинал уво на капетанот на британски брод Роберт Џенкинс. Парчето било сочувано во шише и му било презентирано на кралот Џорџ Втори, како доказ на шпанската бруталност. Тензиите помеѓу двете империи, британската и шпанската, сигурно постоеле и претходно, но ова со увото било капката што ја прелеала чашата. Конфликтот помеѓу нив траел од 1739 до 1742.
Историчарот Роберт Гауди тензиите ги толкува како резултат на прекршувањето на билатералните договори од страна на Британија која тајно пренесувала стока од и кон Западните Инди, без притоа да плати „такса“ на Шпанците и да обезбеди робови за шпанските колонии. Имало уште една необична причина - случајот на славниот италијански кастрато пејач, Фаринели, кого шпанскиот крал Филип Петти го собрал од Лондон и го прогласил за свој штитеник во Мадрид. Еден весник вака го сумирал расположението во Британија: „Што е одземањето на неколку бродови и сечењето на ушите на нашите команданти во споредба со губитокот на нашиот драг, драг Фаринело?“
Но војната излегла катастрофална за Британија. Војската собрана за да навлезе во шпанските пристаништа кај Картагена и Сантјаго, Куба, доживеала фијаско. Британците биле совладани од тропската жештина, болестите пренесувани од комарци, сето тоа потпомогнато од неодлучното раководство.
Сепак, авторот Гауди е помалку заинтересиран за детална нарација на поморските битки отколку за скицирање на некои живописни ликови коишто ги воделе. Еден од нив, од шпанската страна, е Дон Блас, славен по претходен инцидент во кој, кога имал само 15 години, му била ампутирана ногата среде битка.
Зошто оваа војна би била важна сега, освен како фуснота? Прво, резултатот можел да ја промени Северна Америка, бидејќи Шпанија, и покрај посилната позиција, сепак не успеала да ја заземе Џорџија во колониите. Да било поинаку, можеби тому таа, а не Британија, ќе станела доминантна империјална сила на континентот. Второ, војната го потхранила отпорот кон Британија, што во основа довело до Американската револуција.