Во 1992 пулскиот панк бенд КУД „Идиоти“ издаваат песна под наслов „Тоа не е место за нас“, најавувајќи го тогаш новиот албум „Глупоста е неуништива“. Она што и денес е помалку познато е дека таа е всушност препев на No Room For You, песна на бендот Демок од Глостер, со која тие го доживеале својот врв во 1981, а потоа се распаднале. Во неа тие зборуваа за затворање на напуштен мотел кој служел како панк-рок простор во предградието, но химничниот рефрен од неа направил протестна песна на различни меридијани. Така ја минал и границата од југозападот на Англија до југозападот на Истра.
Но за преработката оригиналниот бенд дознал дури по триесет години. Бери Филип, басистот на Демоб, се заинтересирал и направил темелен преглед на панк сцената во бивша Југославија, која се развивала симултано со онаа во Велика Британија и САД, но со сопствени карактеристики.
Неговата книга, која излезе на 17.1, засега само во Киндл издание, се вика „Во потрага по Титовите панкери“, а меѓу другото содржи и разговори со луѓе кои директно учествувале во тие музичко-историски процеси - Перо Ловшин од „Панкрти“, Дарко Рундек, Сале Веруда од „Идиоти“ и други.
По повод излегувањето на книгата Слободна Далмација објави интервју со Филипс, во кое тој објаснува дека иако помеѓу 1993-1996 студирал современа европска историја, во наставната програма ниту еднаш не била спомната Југославија, дури и во тој значаен историски момент за нејзината судбина. Оттаму, тој самиот најпрвин го истражувал „Титовото доба“ но сепак без намера во книгата да се занимава со политички теории и модели. Таа е повеќе „усна историја“ на оние кои имаат заедничка историја во панкот како него, односно заедничка музичка ДНК.
Истовремено, се анализираат можните контакти на странскиот панк со оној југословенскиот, а оние директните сигурно биле малубројни. Се наведуваат концерти на Стренглерс, УК Сабс и Токинг Хедс кои настапувале во Југославија. Информациите пристигнувале и преку дописниците на музичките списанија (Џубокс) од тоа време, а и обратно, британските Мелод Мејкер и Њу музикал експрес знаеле да објавуваат големи статии за југословенската панк сцена.
Според Филипс точно е дека панкот се уште не е мртов, но тој „дипломирал“, односно се припитомил. Секако има и андерграунд панк движење, кое е мало но живо и се потпира на солидарноста помеѓу бендовите. Неговата лична приказна е слична со приказната на голем број „стари панкери“ - живеел во село крај бивш јагленокоп, немало каде да се облекува во маици со Клеш или Пистолси па со другарите сами шарале по јакните и си правеле фризури. Во интересна анегдота тој признава дека по факултетот работел како службеник во пошта, заедно со сестрата на Пол Симонс, басистот на Клеш. По некое време го унапредиле во пишувач на делови на говори за политичари, што му било лесно, како пишување триминутна песна - вовед, прва строфа, рефрен, климакс. Тие главно се однесувале на образованието и социјална исклученост. А реченици од нив се нашле и во говорите на - Тони Блер!