Авторот на ова кратко видео, Топе Огундаре, oдбрал клучни примери кои ја илустрираат горната констатација - од брзата монтажа во сцената со предозирањето на Миа Валас во „Палп фикшн" на Сели Менке (која до смртта во 2010 беше монтажерка на сите филмови на Тарантино), до неуспешниот обид на Мајкл да ги избегне куршумите во „Без здив" на Сесил Декугис.
Во споредба со другите филмски професии, во монтажата има поголем број жени, исто како што традиционално има поголем број жени одговорни за кастинг. И покрај тоа што на прв поглед изгледа дека долгите часови минати во затемнета просторијa бавејќи се со филмски „шнајдерај“ би било повеќе машки избор, подеднакво ако не и поважно во овој занает од систематизирањето и седењето во темница е - емпатијата. „Да се биде добар филмски монтажер потребно е да се изберат најдобрите кадри, а жените се подобри во читањето и интепретацијата на изразите на лицата отколку мажите", вели психологот д-р Мајкл Милс во текст објавен во 2012 во Њујорк Тајмс. Но можно е ова да се должи и на некаква инерција - повеќе жени се одлучуваат за монтажа едноставно затоа што веќе има жени што се монтажерки.
Без оглед на причините, видеото го слави придонесот на монтажерите воопшто, а особено на значајните жени во овој занает.