Музика на отсуството

Вистинскиот пијанист во „Љубов"

На моменти тешкиот филм на Ханеке го разбива убавата музика изведена од Александар Таро, кој во него се појавува во споредна улога на она што навистина и е - пијанист.

Едно од најголемите изненадувања на овогодинешните номинации за Оскар е „Љубов" на Ханеке, кој е номиниран во пет категории, заканувајќи се да биде првиот странски филм кој ќе го добие главниот Оскар. Всушност, тој е веќе во елитното друштво на само уште три филма - З на Коста Гаврас, Прикриен тигар скриен змеј на Анг Ли и Животот е убав на Роберто Бењини, кои беа исто како и тој истовремено номинирани и во категоријата најдобар филм, и во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Филмот, за оние кои не го гледале, е на моменти прилично тежок, а и каков би бил кога зборува за староста и бавното умирање. Но на моменти мрачната атмосфера се разбива со нежни спомени на младешките денови, и - со оглед на тоа што женскиот главен лик во филмот е поранешна учителка по пијано - со убава, класична музика. 

Ханеке сакал вистински пијанист, а не актер кој имитира свирење. Затоа го ангажирал до сега не толку познатиот Александар Тaро (Alexandre Tharaud), чија меѓународна кариера тргнала по нагорна линија токму по снимањето на саундтракот за „Љубов". Во филмот тој свири кратки соло парчиња од Шуберт, Бетовен и Бах, но и прилично уверливо игра споредна улога на поранешен ученик на осумдесетгодишната Ана.

И „Учителка по пијано" на Ханеке содржеше музика на Шуберт, а во „Љубов" Таро изведува две дела од него, вклучувајќи го и Impromptu op. 90, n. 3. Изборот на музиката била на режисерот, бидејќи според него таа одлично го илустрирала она за што зборува филмот - отсуството и смртта.

Таро (44) целиот живот живее во Париз, но пред петнасетина години направил нешто што повеќето музичари би го сметале за радикално - го исфрлил пијаното од неговиот дом. „Подобро работам кога не сум дома. Истиот совет им го давам на другите пијанисти, кои се чувствуваат тензично доколку инструментот им е постојано на дофат."

Тој има уште една опсесија освен класичната музика - кабарето. Неговиот албум „Бик на покривот" (Le Boeuf sur le Toit) е насловен според славното париско кабаре, и е ода на џезот од 1920-тите. На него тој свири композиции од Гершвин, Равел и Кол Портер.

Таро е исто така еден од неколкумината музичари застапени на саундтракот за „50 нијанси сиво" - компилација од класични композиции кои се спомнуваат во (демек) безобразната трилогија на Е. Л. Џејмс. Пијанистот сепак признава дека се уште ја нема читано книгата.

Еве ги Шуберт и Бетовен од „Љубов" во негова изведба:

Impromptu, Op. 90 D899 No. 3 in G-Flat Major



Beethoven: Bagatelles, Op. 126, n.2 in G minor 

11 јануари 2013 - 11:41