Можеби сте забележале еден феномен, кој е веројатно „нормален“ за оние упатени во тоа како функционира модната индустрија, но необичен за аутсајдер - секоја сезона во СИТЕ продавници за облека доминираат исти бои, а други воопшто ги нема. На пример оваа година сè изгледа сиво и бордо, а некаде на маргините може да најдете по некое заборавено сино или портокалово блузиче. Најретка оваа година според нашите аматерски и емпириски сознанија беше - виолетовата.
Можеби затоа се израдувавме кога наидовме на вест дека Пантон за боја на следната година, која оваа компанија ја објавува секој декември, ќе биде токму светло лила, поточно PANTONE 18-3838 ULTRA VIOLET (УЛТРА ВИОЛЕТОВО е напишано одделно за да не се меша со ултравиолетова светлина, која по дефиниција е невидлива).
Секоја боја на годината предвидува или поттикнува нешто во врска со модата, декорирањето и дизајнерските трендови, отсликувајќи, според зборовите на потпретседателката на Институтот Пантон, „што му е потребно на светот денес“.
Минатогодишната боја беше „животоафримирачка“ зелена. Годината пред тоа беше комбинација на кварцно розова и нежно сина, асоцијација на анти-стрес но и на родова флуидност. Па тогаш, што вели виолетовава за нашата планета во 2018?
Според компанијата ова е провокативна и „мисловна“ нијанса, која поттикнува оригиналност и визонерство кое не’ води кон иднината. Помислете на Принс, Боуви, Хендрикс и на нивните лилаво тонирани слики расфрлани низ галаксијата, на мистериите на космосот - тие лилаво нијансирани медитативни простори, велат тие.
До следната пратка виолетови нешта по продавниците, за да бидете пред времето, може да ископате нешто од претходни години, или да пробате да исперете бела блуза на висока температура со нешто тегет и црвено во машина.