Вештачката интелигенција може да вградува тајни пораки во четови и мемиња

На новиот Џејмс Бонд му се допаѓа ова - во најнов развој на настаните околу ВИ, компјутерските научници развиле начин да пренесуваат доверливи информации, кој е толку дискретен што оние кои се заинтересирани да ги пресретнат не можат да ги видат, иако им се пред очи.

Според статија објавена во Сајентифик Американ (со претплата) истражувачи создале прв алгоритам кој крие пораки во реалистичен текст, слики или аудио со совршено ниво на безбедност. Едноставно нема начин надворешен набљудувач да ги открие вградените пораки. 

Научниците ги најавиле своите резултати на неодамна одржана меѓународна научна конференција (International Conference on Learning Representations), и иако во сето ова има навистина многу наука има и уметност, на криење тајни кои иако ни се пред очи, не ги гледаме. Оваа област е наречена стеганографија, различна од повообичаено користената криптографија, која ја крие пораката но не и фактот дека истата е споделена. За безбедно криење информации, дигиталните стеганографи имаат за цел да вградат пораки во низа зборови или слики кои се статистички идентични на нормална комуникација. Содржините генерирани од човек не се доволно предвидливи за да обезбедат ваква совршена безбедност. Вештачката интелигенција генерира текст и слики користејќи правила кои се подобро дефинирани, потенцијално овозможувајќи целосна тајност. 

Истражувачот од Универзитетот во Оксфорд, Кристијан Шредер де Вит и неговиот колега од Карнеги Мелон, Семјуел Сокота, искористиле ВИ програма за да создадат чет пораки кои делуваат сосема обично, но во нив има тајна содржина. За надворешни набљудувачи, четот воопшто не се разликува од каква и да е друга комуникација направена од истата генеративна ВИ. „Тие можат да детектираат дека тоа е генерирана содржина, но не и дека има тајна информација во неа“, велат тие.

За да се постигне ваквата камуфлажа, истражувачите развиле алгоритам за оптимално да спојат тајна порака со серија мемиња (или текст) испратени во четот, со тоа што содржината се бира во моментот за да одговара на контекстот. Точно тоа е и големиот чекор - во начинот на кој алгоритамот бира идеална дистрибуција на лице место - метод кој спарува тајни парчиња пораки со несомнителна содржина (на пример мемиња со мачки), на начин на кој се постигнува вистинската дистрибуција на обете. 

Овој пристап компјутациски е прилично тежок, но тимот вклучил неодамнешни постигнувања во областа на информатичката теорија за да обезбеди оптималниот избор да се случува многу бргу. Оној кој ја добива пораката и знае за неа може да ја декодира со примена на истата операција. 

Иако првата помисла се шпиони и индустриски тајни, сепак употребата која ја имале на ум истражувачите е повеќе поврзана со документација на злоупотреби на човекови права под авторитарни режими. ВИ не е решение за нив, но е алатка која може да помогне. 

20 септември 2023 - 09:55