Примерот е од Британија, но (верувајте) има такви и кај нас, само што се невидливи или затоа што самите луѓе се срамат од својата ситуација, или поради стереотипот дека некој вработен како професор на универзитет просто не може да биде сиромашен.
Како голем број докторанди, додека ја работела својата теза Аме Ли морала да држи часови на студентите за да исплати дел од трошоците за докторските студии. Но она што нејзините студенти никогаш не би го помислиле, е дека цели две години додека им предавала таа живеела во - шатор.
Ова не било некаков каприц или сурвивалистички експеримент, туку таа чекорот го презела откако висината на кириите нагло се зголемила кога била на третата година од докторски студии на Ројал Холовеј, колеџ на Универзитетот во Лондон, и сфатила дека нема да биде во можност да си дозволи да живее во стан и да ги покрива трошоците.
Тоа бил мал шатор за еден човек, што значи дека по некое време внатре се стоплувало. Но имало денови кога таа се будела среде снег. Кога не работела на докторската учела како да цепи дрва и да запали оган.
Ги чувала своите книги во канцеларија за постдипломци за да не бидат оштетени, и се туширала на универзитетот. Не им кажала на родителите за својата ситуација, односно ги излажала велејќи им дека живее на „еколошка фарма“.
Исто така не кажала ништо ни на својот универзитет, кој постојано истакнувал дека благосостојбата на неговите студенти му е приоритет, и ги охрабрувал оние кои имаат финансиски проблеми да се обратат. Но Ли вели дека живеела двоен живот, од страв дека искреноста ќе ѝ ја намали професионалната репутација доколку колегите дознаат дека таа е всушност бездомник.
Добивала добри оценки од студентите. Прегледувала 300 тестови седејќи во хотелско лоби. Дури организирала и меѓународна конференција. Се обидувала да работи по највисоките стандарди и била неверојатно фокусирана.
Она што не го знаеле ниту студентите, ниту пак другите вон факултетот е дека постдипломците како неа се ангажирани на одредено време и всушност претставуваат работници во ризик. Таа успеала да добие стипендија за своето истражување на малцинските етнички групи во американската книжевност, а добила и средства од САД, од каде што потекнува, но само во првата година. Како меѓународен студент морала да плати половина од тоа за универзитетски трошоци, што значи дека ѝ останувало многу малку за живот. Најпрвин живеела во евтин дом за постдипломци но тој се затворил поради реновирање. Тогаш го позајмила шаторот од пријател. Се мачела две години сметајќи дека ова ќе ѝ се исплати.
Денес сфаќа дека нејзиниот оптимизам бил без основа. Докторирала, држела часови за деца на училишна возраст, работела во ботаничка градина, но на крај успеала да добие договор само на две години на друг универзитет. Вели дека си ја сака професијата и дека нејзината ситуација воопшто не е посебна - се проценува дека во Британија има 75.000 просветни работници во високото образование со несигурни договори - луѓе кои се експлоатирани, платени помалку од она што го заслужуваат и често пати доведувани до работ на издржливоста од повозрасните колеги кои немаат разбирање за нивните проблеми. Ова се одразува не само на финансиската стабилност туку и на подготвеноста да се заснова семејство и да се прават какви и да е долгорочни планови.