Магнет за супербогатите од светот кои во ова гледаат и престиж, но и добра инвестиција, уметничките шоу програми од типот на Арт Базел се одлична шанса за огромна заработка на големите дилери со уметнички дела. Малите пак се мачат да бидат воопшто видливи, со оглед на прескапиот изложбен простор, а публиката е исто така прилично „одбрана“ со оглед на цената на билетот од 50 евра (што е скапо дури и за една Швајцарија).
Според извештај на Арт маркет, неодамна објавен од Арт Базел и швајцарската банка УБС, во 2018 светските аукциски куќи и уметничките галерии имале обрт од околу 60 милијарди евра (!), и тоа 6% повеќе од претходната година. Но уметничкиот свет е во форма на пирамида, со малубројни влијателни галерии на врвот. Тие во Базел пријавија продажби уште во првите два часа од првиот ден, кога во саемот каде се одржува шоуто може да се влезе само со посебна покана. Некои од нив изјавиле дека го продале поголемиот дел од својот инвентар пред крајот на работното време тој ист, прв ден.
Најуспешна беше галеријата Дејвид Цвирнер, која пријави осум продадени дела за над 40 милиони долари. Галеријата Пејс пак ја продаде сликата на Ли Уфан од 1977, „Од линија“, во првите десет минути по отварањето за 2 милиони долари (доле).
Еден од инсајдерските принципи на купување е дека обично не поминуваат добро дела кои „шетаат“ од саем на саем. А луѓето (главно повозрасни и многу сериозни, дојдени со конкретна мисија а не за забава) секако следат и знаат кои се тие дела а кои се оние свежите, и ги сакаат вториве, доколку тие имаат „коректна“ цена.
Што е точно тоа „коректна“ цена секако е работа на понуда и побарувачка. Ама очигледно побарувачката за уметност барем во Европа во моментов е голема.