Милчо за фотографирањето

Уметноста е меѓу редови

Во најновиот број на белградско Време (достапен само со претплата) Манчевски го објаснува својот однос кон фотографскиот медиум, и кон раскажувањето приказни. Наскоро, по премиерата во Венеција, ќе го презентираме и неговиот краток филм „Четврток“.

Фотографирам за да не морам да раскажувам. Или затоа што не сум можел да раскажам.

Почнав да сликам додека чекав филмот да ми се спакува, да се наредат сите коцкички: финансиите, суетите, датумите, техниката, времето, дистрибутерската политика, обичната политика, војната и мирот...Ми фалеше креативна работа.

Почнав да сликам, и тоа беше тоа. Создаваш нешто во пола секунда, или ти требаат пет години да дојдеш до вистинската слика, но сето тоа го правиш сам.

Сликањето ми нуди слобода која филмот ја нема. Не мораш никому ништо да му објаснуваш. Не мораш да ја продадеш ументоста пред да си ја создал. Сликаш и тоа е тоа. После и онака ми е сеедно дали ќе се продаде.

Има уште една работа - кога сликаш, не си оптеретен од приказна.

Јас ја сакам приказната, ја знам приказната, лесно ми е да раскажам приказна. Најлесна и најубава работа на светот. Но, уметноста често е роб на приказната, оптеретена со приказна. Посебно филмот. Уметноста се крие помеѓу редовите, во односите, во формата, во создавањето и пренесувањето на емоции и концепти.

Сликам со евтин апарат кој е страшно брз и практичен. Важно ми е да го уловам моментот, но не заради самиот момент, туку заради љубовната игра на сликата и приказната, заради конфликтот на сликата и приказната, заради средбата на ликовното и наративното.

Ме возбудува експлозијата на визуелното во секојдневното.


23 август 2013 - 16:44