Галеријата за којашто станува збор, лоцирана во седиштето на Централната разузнавачка агенција, засега поседува само 21 слика. Но идејата е таа да се шири, со специјално нарачани, или со веќе постоечки дела кои се тематски блиски до битни историски настани, или до значајни акции за оваа институција.
„Нашата работна сила е главно млада", објаснува директорката на музејот на ЦИА, Тони Хили. „52% од нашите офицери ни се имаат придружено од 11 септември, и многу е важно тие да ја разберат историјата на нашата агенција, за да можат да нè водат понатаму".
Најновата откупена слика (горе), на пример, се вика „Подготвеност за секоја акција" и прикажува артефакти од позначајни тајни дејства кои биле извршени од страна на ЦИА од Втората светска војна наваму. Друга пак, под наслов „Спасувањето на канадските шестмина", е изработена од страна на вработен во организацијата и прикажува операција во која шесторица Американци биле спасени по завземањето на амбасадата на САД во Техеран во 1979.
Доколку не сте вработен во ЦИА, веројатно никогаш не би можеле да ги видите овие слики во живо. Единственото достапно место е онлајн музејската колекција (тука). Секој артефакт е детално опишан, како физички, така и во контекст на операцијата со којашто е врзан. Така на пример, една поштенска марка изработена од тн. оддел за морал на претходникот на ЦИА, Канцеларијата за стратешки услуги, која била активна во текот на Втората светска војна, имала за цел да ги деморализира нацистите. Идејата била марките да се стават во коверти и да се испраќаат низ германскиот поштенски систем до случајни адреси.
Некои од делата прикажуваат и мрачни моменти од историјата на ЦИА, како загинувањето на четворица пилоти во 1961, за време на инвазијата на „Заливот на свињите". Засега кураторот на збирката нема нарачано слика во врска со дејствата во Ирак, но има направено „стратешки план" во оваа насока.
Извор: NPR