Не сме сигурни колку овие игрици можат да се подведат под „уметност", или пак се производи на поп културата, но факт е дека голем број масовни убијци имаат изјавено дека биле инспирирани од музички, филмски или книжевни дела. Чарлс Менсон, кој во 1969. со група сатанисти уби четворица, вклучувајќи ја и бремената жена на Роман Полански, глумицата Шерон Тејт, бил вдахновен од наводните пророчки стихови од Белиот албум на Битлси, особено на песната Хелтер Скелтер. Членот на Битлси пак, Џон Ленон, е убиен 1980., од Марк Чепмен, кој би опседнат од класичниот роман „Ловец во 'ржта" од Селинџер.
Тед Качињски, попознат како Унобомбаш, кој во САД усмрти тројца и рани 23 души преку писма-бомби, наводно се инспирирал од романот на Џозеф Конрад, „Тајниот агент" (1907). Во него еден луд професор, згрозен од светот околу него, го напушта академскиот живот и се повлекува во осаменост, правејќи - бомба. Федералните власти на САД веруваат дека Качињски користел варијации на името на Конрад како псевдоними под кои се пријавувал во различни хотели.
Барем десетина парови имаат направено сериски и масовни убиства „обвинувајќи" го за тоа контроверзниот филм на Оливер Стоун „Родени убијци" (1994) со Вуди Харелсон и Џулиет Луис во главните улоги.
Двајца пак извршители на серија убиства познати како „хај-фај", кои своите три жртви ги натерале да испијат средство за отпушување водоводни цевки, биле фанови на „Валканиот Хари" со Клинт Иствуд.
Сакавме да завршиме со тоа дека е најубаво цел живот да си гледаме само детски цртани и да си читаме сликовници. Ама па кога ќе ни текне на врелото масло од „Аладин и 40-те разбојници" или на отровното јаболко од „Снежана", можеби тоа и не е најдобриот совет...