Трагикомичната генијалност на Марџ Симпсон (RIP)

„Шок и неверување“ - ваква вест осамна денес на светските и на македонските портали, а се однесува на тоа што во финалето на 36-тата сезона од „Симпсонови“ се открива дека мајката со сина и висока фризура починала. Има тука и погреб, и сцена во која Марџ ги гледа своите раскарани деца од небото, и мистериозно појавување (таму, на небото) на Ринго Стар. Добар повод да се анализира нејзиниот лик и неговото значење за култната серија. 

Лиза може да свири на саксофон и да филозофира, Барт е вешт во лажење, Хомер сака крофни и земјотресно ждрига. Марџ, пак, често е запаметена и дефинирана само по нејзината висока сина фризура. Во конкуренција со големината на Хомер, дрскоста на Барт и ироничните вистини на Лиза, таа е потценета како една од најголемите комични креации на „Симпсонови“. Но доколку подлабоко се анализира, таа е моралниот компас на најпознатото телевизиско семејство, кое едноставно не може без неа.

Бил Оукли, еден од авторите на „Симпсонови“, изјавил дека епизодите за Марџ често им биле давани на помлади писатели, како тест, бидејќи нејзиниот лик бил најтежок за да се направи смешен. Од друга страна, тој нудел длабочина што другите во цртаниот ја немале. 

Марџ е радикален лик. На површно ниво, тоа е анимиран архетип – мајка од ситком која постојано се извинува и расчистува позади својот груб сопруг и немирните деца. Таа ја изразува целата фрустрација на сопругите и мајките од ситкомите што ѝ претходеа, од Луси и Вилма Флинстон во „Кременковци“, преку Керол Брејди од „Брејди банч“, до Розен во истоимената серија. Но таа успева да ги деконструира овие изморени шаблони подобро од кој било друг, само со своето постоење во хипер-сатиричниот свет на „Симпсонови“. Спрингфилд е доследен само во својата апсурдност, но ликовите сепак делуваат човечки. Тоа е она што го прави шоуто толку посебно. А Марџ можеби е најреалниот лик од сите.

Нејзиниот идентитет – како сопруга, мајка, жена – е дефиниран преку жртва. Во деветтата сезона, во епизодата „Њујорк против Хомер Симпсон“, Марџ и Лиса со копнеж гледаат излог со дизајнерски чевли. Марџ изговара класична реплика, која е трогателна во својата едноставност: „Кога само не би имала веќе еден пар чевли.“ Марџ не може да си замисли да троши за себе, за разлика од Хомер кој расфрла пари на волшебни гравчиња или на најголемиот сендвич на светот.

Кога Марџ ќе се стави себеси на прво место, таа веднаш бива казнета. Кога ќе почне да оди на куглање, Хомер верува дека го изневерува. Кога ќе почне да работи во нуклеарната централа, станува мета на сексуално вознемирување. Кога ќе отвори комбе за ѓевреци, завршува во војна меѓу мафијата и јакузите. А кога Марџ е отсутна, семејството запаѓа во хаос. Се разбира, таа секогаш се враќа за да го воспостави мирот; затоа што тоа се „Симпсонови“, а нејзината трагична зависност од зависноста на другите е шега која се повторува.

Марџ блеска како трансгресивна сила кога ги прифаќа своите таленти. Во втората сезона, „Допир со величественоста“, дознаваме дека Марџ е исклучително надарена сликарка. Во „Спрингфилдска врска“ таа докажува дека компетентноста не може да ја победи мизогинијата: кога бара да се приклучи на полицијата, таа е пречекана со триесет секунди непрекината смеа од началникот Вигам и друштвото. Овие моменти сепак ѝ дозволуваат на Марџ да заблеска. Таа е повеќе од само фигура која им помага на поголемите, поабразивни фигури во семејството, таа е неискористен извор на талент, емпатија и храброст.

Остатокот од Спрингфилд гледа на неа како на мрчаторка, затоа што таа е единствениот глас на разумот во град каде што разумот не постои. На состанокот во градското собрание, кога ќе се постави прашањето дали некој има проблем, низ салата се шири мрморење „веројатно Марџ“. Но иако нејзините пријатели често ја гледаат како досадна, и тие се распаѓаат кога таа е отсутна, како во „Марџ во синџири“, каде што сфаќајќи ја нејзината важност, градот ѝ нуди извинување во форма на статуа на Џими Картер со нејзината фризура.

Еден од најпоразувачките моменти на Марџ доаѓа во седмата сезона, „Марџ, не биди горда“. Нејзината единствена желба за Божиќ е семеен портрет кој нема да биде уништен од подмолноста на Барт. Се разбира, Барт не издржува и Марџ се повлекува во тишина, несигурна дали сè уште го сака својот син. Мал број женски ликови во историјата на телевизијата го имаат прикажано очајот на мајка која се гледа себеси – или можеби своето дете – како неуспех. Како и толку многу жени од нејзиното време, Марџ ги презема неуспесите на другите врз себе.

Гордоста на Марџ се прошири во реалниот свет во 1990 година, кога првата дама Барбара Буш изјави дека „Симпсонови“ е „најглупавата работа што некогаш ја видела“ и дека сака американското семејство да биде „повеќе како Волтонови“ - американска историска драма за семејство во руралните планински делови на Апалачите во тек на Големата депресија, „а помалку како Симпсонови“. Буш потоа доби писмо од „Марџ“ кое започнува со: „Неодамна ја прочитав вашата критика за моето семејство и бев длабоко повредена.“ Буш беше принудена да одговори: „Колку љубезно од вас што ми пишавте. Мило ми е што го искажавте своето мислење; јас пак глупава, не можев ни да претпоставам дека го имате.“

извор (2017)

26 јуни 2025 - 15:22