Само бегло гуглање со зборовите „Грција, трагедија и економија" (на англиски) резултира со: „Размислувања во врска со грчката трагедија" во Форбс, „Тажната приказна на ММФ: грчка трагедија" во Економист, или „Финансиски министер соодветен за грчката трагедија" во Њујорк Тајмс. Еден бројните „меѓународни експерти" ја опишува ситуацијата како „официјална грчка трагедија", без да објасни што би било тоа „неофицијална" трагедија. Најинтересен во регионот ни се виде хрватскиот, „Ќе има ли грчката трагедија среќен крај?". Метафората се копира и на домашен терен, иако на моменти со блага иронија. „Грчката трагедија" - шанса за Македонија?, „Грчката трагедија и македонската комедија" и нашиот фаворит „Во еврозоната драма, во Грција трагедија, кај нас зен-будизам".
Терминот е толку (зло)употребуван, што заврши дури и на страницата за грчка трагедија на Википедија. „Најважните автори на грчката трагедија се Есхил, Софокле, Еврипид и Ципрас" пишуваше на 6 јули, додуше само еден час. Корисниците на Википедија изгледа се подеднакво ентузијастични да ја споредуваат грчката ситуација со трагедија како и новинарите, па едно време „грчката криза" беше линк на истиот сајт, во делот „Види исто така...".
А кој би бил примерот за креативно срочена метафора кога е во прашање Грција? Нашиот избор е овој текст, во кој односот помеѓу Грција и Германија се споредува со оној помеѓу возачите и пешаците во Беркли, Калифорнија! Тоа е всушност втор успешен обид за креативна споредба која ја опишува грчката ситуација на новинарот Мајкл Луис, кој е автор на славниот текст од 2010 во Венити Фер за избегнувањето даноци со наслов „Не им верувајте на Грци со обврзници".
Она од што сепак најмногу треба да се плашиме се излитени метафори, кои самите стануваат не-само-грчка трагедија.