Пазарот на друштвени игри е во подем - само во изминатата 2023-та индустријата глобално генерираше 16.8 милијарди долари, а оваа бројка се очекува да порасне на 40 милијарди до 2032. Класиците како „Скребл“ се освежуваат (за тоа види претходно тука), а се креираат и нови верзии од популарни игри, како „Врмспен“ - надоврзување на прекрасната „Вингспен“ ама со змејови (oсврт тука).
Во САД пазарот на друштвени игри датира од 19 век, а првата официјално отпечатена и продавана како таква била „Патувачка тура низ САД“. Од неа може многу да се научи и за тоа како изгледала раната индустрија на друштвени игри, кои биле најчесто користените реквизити, но и како тогаш младата земја се гледала самата себеси.
Произведена од картографската фирма од Њујорк, F&RLockwood, „Патувачката тура“ била имитација на претходни европски географски, односно образовни игри. Тие генерално користеле мапа како плоча, а правилата подразбирале играчите да познаваат географски факти кои им овозможувале да стигнат до целта. Играта се рекламирала како „забавна и инструктивна“, а се состоела од рачно обоена мапа со тогаш 24-те држави и список со 139 градови и помали места, од Њујорк до Њу Мадрид, Мисури. Покрај секој број на списокот имало име и опис на соодветното населено место.
Инструкциите укажуваат на тоа дека играта требало да се игра користејќи „титотум“, мала направа со бројки на страните, кои функционирале како алтернативи на коцки, затоа што тие (коцките) биле поврзувани со „неморални“ игри на среќа.
Во својата најрана форма титотум-от бил обележан со букви што означувале што треба играчот да направи (пример З-земи сè, П - врати половина и сл.). Бројот на неговите страни зависел од традицијата, на пример под името перинола во голем број јужноамерикански земји вртимушката има шест страни, исто како и британската верзија „пут енд тејк“.
Титотумот е спомнат во голем број книжевни дела, на пример во „Алиса во земјата на чудата“, каде Белата кралица трансформирана во овца во еден момент ја прашува Алиса која се тетерави наваму-натаму - „Ти дете си или титотум?“. Во црната комедија на Едгар Алан По, „Системот на доктор Тар и професор Федер“, еден од пациентите во психијатриската болница верува дека не му е арно бидејќи е претворен во „ти-тотум“.