пишува: Иван Јакимовски
Во текот на моето патување низ црвоточината на овој свет од друштвени игри често се појавувале такви кои со секој залак станувале сѐ повкусни и повкусни. Некои биле убави на лик, нивните правила доста елегантно се вклопувале едни со други или биле изработени од материјал кој не потсетува на обична, „кинеска“ пластика. Сите тие се достојни за почит, па и за награда, ако досега не добиле.
Но нема ниту една како Wingspan, игра која на прв поглед изгледа едноставна, но за која по неколку партии брзо станува јасно колку всушност може да биде сложена. Тоа е натпревар во собирање птици во кој можaт да се вклучат до пет играчи, но може да се игра и соло, со симулација на опоненти, за едно порелаксирано искуство. Натпреварувачите собираат храна, поставуваат птици на таблата и со секој следен потег се обидуваат да исполнат критериуми за да освојат колку што можат повеќе бодови.
(Страчка, Pica pica - фото Иван Ј.)
Секоја партија се развива по текот на една основна механика. Сите сто седумдесет (170!) птици во оригиналната игра се различни и имаат посебни ефекти. Во текот на партијата тие се собираат и се испреплетуваат, но убавото е што ниту една комбинација на птици на таблата, направена во текот на поединечна игра, не е идентична со некоја од друга партија. Секоја птица живее во свое природно живеалиште (шума, поле, вода), некои и во повеќе од едно, и за секоја од нив на картата е обележано со што се храни и дали снесува јајца и колку. Овие елементи влијаат врз собирањето ресурси и бодови.
Во текот на играта, бројот на потези по човек е ограничен и тој се намалува како што се преминува од една во друга рунда (вкупно ги има четири). Затоа играчите треба однапред да планираат која стратегија е најисплатлива и најефикасна и да ја „извадат маста“ од секој потег. Имам видено поискусни како ја планираат целата рунда, па дури и следната. Земаат и предвид кои птици им се групирани во исто живеалиште, за нивните ефекти, кога ќе се активираат, да дадат колку што е можно повеќе карти, ресурси и јајца.
(играње со поглед на езерските птици)
Можеби сакам да соберам ресурси за да поставам некоја птица на таблата (дали за повеќе бодови, исполнување на некој критериум или воведување нов ефект). Но можно е до следниот потег да го нема тоа што го барам и одеднаш ситуацијата да се промени. Колку е веројатно дека тоа ќе се случи? Дали вреди? Дали инвестицијата е повратна?
Секоја партија носи нови предизвици. Во секој миг може да има пресврт и играчот мора да биде спремен за тоа. Токму затоа ова е и игра за која тешко би можело да се осмисли една стратегија за победа, или да се наведат нешта кои човек треба да ги има во секоја партија за играњето да биде „плодно“. Затоа човек треба да се потпре на интуиција стекната низ многу партии, а во тоа е и убавината (не е ни чудо што го доби признанието Kennerspiel des Jahres во 2019 година).
(Гулаб „гривинаш“ - Columba palumbus, фото: Иван Ј.)
Самата игра е исто такa визуелно привлечна и убаво изработена. Сликите од птиците на картите се рачно нацртани, а под нив може да се прочитаат интересни факти за самите птици. Имајќи ги пред очи цело време, играчот ги учи нивните имиња и основни карактеристики.
„Вингспен“ брзо стана една од моите омилени игри, не само поради нејзиниот квалитет, туку и поради тоа што има многу различни начини на кои човек може да ја игра. Освен основната, која ги вклучува птиците карактеристични за Северна Америка, постојат и повеќе експанзии, на пример за Европа, Азија (која може да е експанзија, но и самостојна игра) и Океанија.
Следен потег е да се оди на едно убаво, вистинско птичарење.
Бонус:
Епизода од подкастот „Обични луѓе“ - „Птичарите и нивното чудно јато“
Репортажа на Илија Дуковски за птиците на Цоцев Камен