пишува: Илија Дуковски, Бостон, Масачусетс
Како ни растат децата, така се поретко ги м’кнеме по одмори и патувања. Во март годинава се најдов во Македонија, во годишна посети на мајка ми и сестра ми, сам во стан во Аеродром. Децата по свои муабети, а жена ми дома во Америка, вработена (читај, не ѝ се оди никаде без децата). Е сега самотијата си има и добри страни, особено ако сте по птичарење. Птичарењето, како што вели Њујоркер, знае да е геријатриско хоби, знак дека времето си тече полека. Освен ако не се почне рано. А треба да се почне рано. Тогаш е идентитет. Секогаш кога треба за се претставам на некој Зум состанок, едвај го чекам делот кога треба да кажам нешто “fun” за себе, па ко од пушка велам: I am a birdwatcher. Птичар сум, тим се дичим.
Почнав да птичарам во Тетово таму некаде во 80-тите. Нашиот стан, стратегиски поставен на Цетинска улица имаше поглед на дворовите и градините на турско маало, каде на пролет, навечер и до длабоко во ноќта, гостуваше редовен хор славејчиња (Luscinia megarhynchos). Памтам како ја голтав книгата на Брем, “Животот на животните/птиците”, и мечтаев да ја видам прекрасната зимовка (Pyrrhula pyrrhula), покажана со слика на цела страна. Колибрите (Trochilidae) можеби беа и поубави и магични, но недостижни. Зимовката знаев дека можам да ја најдам во Македонија. И ја најдов. Една зима, во паркот покрај железничката станица. Можело ова значи. Не мора да се оди далеку од дома да се птичари.
Зиме најмногу им се радував на цуцулестите чучулиги (Galerida cristata) кои трчкараа по калта на тротоарите и улиците. Другарка ми Снеже ме зезаше, што се воодушевувам од “врапчиња”. Иако кафеави и на прв поглед неугледни (little brown jobs, како што велат Англичаните), цуцулестите чучулиги се фасцинанти, не само заради “фризурата”, туку пред сè заради прекрасната песна. (И не се врапчиња, Снежано!) Во книгите прочитав дека во Македонија можат да се најдат дури шест видови чучулиги. Дури и големата чучулига (Melanocorypha calandra), птица на степите, се наоѓала понекаде. Каде па има степа во Македонија? Мал бев, сакав сите да ги видам.
Елем, седиш во стан. Сам. Каде да одиш да птичариш во околината? До пред некоја година би се чудел и нагаѓал каде се добрите места за птици во сезоната по Македонија. Но не денес. Денес одиш на ФБ, на групата Птиците во Македонија, каде што живеат експертите како Александар Ангелов и Славе Накев, кои ќе ти кажат да се запатиш накај Велешко и Светиниколско. Хм, натаму е и Цоцев Камен, место кое мајсторот на птичарската фотографија, Велијан Јагев ти го фалел пред некој месец.
За Цоцев Камен прв пат слушнав од него. Едно одење на Википедија, ми открива дека местово е кај Шопско Рударе, со вулканско потекло, и со траги на човечко присуство од палеолитот па наваму. Со цртежи на карпите, можно стари најмалку 12 илјади години. Ја претркале антиката по старост добри десетина илјади години, а јас прв пат слушам за каменот.
До местото се стигнува лесно со кола, си има фин паркинг, дури и некоја конструкција која ветува да стане ресторанче. Штом излегов од колата, ме пречека утринскиот птичји хор. Птиците пеачки секое утро, особено на пролет, во сезоната на парење, пеат со огромен ентузијазам точно на изгрејсонце. Заради тоа птичарите се навикнати да стануваат рано, да го фатат хорот, и по песните да ги идентификуваат и најдат птиците. Тука, на оградите и грмушките покрај нивите доминираше големата стрнарка (Emberiza calandra) со песна која повеќе доликува на некој инсект, скакулец. Интересно е дека и во Америка, птиците на тревните екосистеми развија песни кои личат на инсекти. Пример е прикладно нареченото врапче скакулец (Ammodramus savannarum), Grasshopper sparrow на англиски, чија песна и хабитат се слични со оние на големите стрнарки во Македонија. Двете птички веројатно ја добиле песната во конвергентни (слични) процеси на еволуција. И двете на некој начин имитираат звук на инсекти, скакулци. Дали како вид на звучна мимикрија, не знам. Можно е да е така, велат некои научници.
Од паркингот се гледа каменот. Морав да пешачам добри стотина метри во полукружна патека да дојдам до него. Во центарот на полукругот е дол, дупка обрасната со грмушки. Патеката е на ниво скоро на врвот на каменот, па морам да се спуштам, следејќи го кругот до подножјето на грамадата. Во еден момент ми текна дека јас всушност се движам по работ на она што пред многу милиони години бил вулкански кратер. Цоцев камен всушност е само една страна од кратерот, изделкана од времето, но и од луѓето. Меѓу природните вдлабнатини и пештери, каменот има добар број на квадратни вдлабнатини, скали и патеки, очигледно направени од луѓе. Скалите денес, после илјадници години се меки и вратоломни. Си мислам ако паднам, нема ни да ме најдат во кратерот. Подобро не, ќе гледам од далеку. А не би ни било фер моите стапки да додадат кон забот на времето. Гледај и не пипај.
Таа моја одлука како да им се допадна на пар гаврани (Corvus corax) кои се гнездат во една од дупките во каменот. Ме поздравија со тирада рапави повици (Видео 1). Гавраните по гласот се препознаваат. Во Македонија често чавките (Corvus monedula), полските врани (Corvus frugilegus), па дури и сивите врани (Corvus cornix) ги викаме гаврани. А всушност, по градовите ретко кој видел гавран. Гавраните се потполно црни и огромни, со огромни клунови. И гракаат како само тие умеат. Кој видел гавран прв пат, веднаш му е јасно дека грешел. Гавраните се мистични, со гласови како да муабетат на јазик стар милиони години. Не е ни чудо дека гавраните се централни фигури во митологиите на многу народи. Не би се изненадил да разберам дека токму прародителите на овој пар, пред десетина илјади години, им дале знак на нашите предци тука да почнат да сликаат, копаат, да го култивираат местото. Културата на местото всушност ни е заедничка, наша и на гавраните. Тие се чуварите на Цоцев камен.
Но кралот и кралицата на каменот се други. Тие се еден енергичен пар на лазачи грнчари (Sitta neumayer), кои доминираат тука. Машкото не престана да пее на сиот глас (Видео 2), па дојде до мене да ме провери, па се врати назад на каменот, па ми прелета ниско над глава. Не знаев како да го убедам дека е ОК, не сум му закана за гнездото кое веројатно е скриено меѓу карпите. Една трепетилка слета на грмушка тука во близината, дечкото ја истера. Не ни видов кој вид е. Трепетилките се неверојатно тешки за идентификација. Сите пет кои можат да се најдат во Македонија изгледаат многу слично. Предизвик за секој озбилен птичар. За жал, оваа ќе ми остане само дека е родот Anthus. Немојте да мислите дека идентификацијата на птиците е лесна работа. Сите стално учиме, и не ретко промашуваме.
Си заминувам од каменот, по пат ме следи една карпеста ластовичка (Ptyonoprogne rupestris). Ова ми е втора која сум ја видел воопшто. Првата беше како дете, на карпите над Канео во Охрид. Сега таму мислам дека ги нема. Дрозд пеач (Turdus philomelos) во грмушките, како голем славеј кој не е сигурен дали добро ја научил песната. Еден голем штрк (Ciconia ciconia) лета во далечината ниско над полето во кое некоја житарица ќе вирее. Лета и не замавнува воопшто со крилата. Мора да е млад, крилата иако имаат црно на крајот не му се бели туку сиви. Го гледам, но без двогледот, онака од далеку. Млад штрк во март? Глупак, се вртам назад со двогледот, и штркот не е штрк, туку полска еја (Circus cyaneus). Прекрасна птица која лета скоро без да замавнува, како да лизга додека лови глодари по тревните полиња.
Гледам цуцулести чучулиги кои се гнездат во нивите и пеат на цел глас. Понатаму гледам на далеку дека некои летаат високо, како да танцуваат на небото. Веројатно полски чучулиги (Alauda arvensis), тие така танцуваат на пролет. Ги загледувам подобро, и некако ми се дебелки и темни. И многу ги има. Неколку меѓу себе се натпреваруваат која ќе е погласна. Хм, не ќе да е ни полска ни цуцулеста. Го вадам телефонот и право на Колинс, апликацијата за идентификација на птиците. Одам една по една чучулига. Не е цуцул, не е полска. Не е малата (Calandrella brachydactyla), таа ја видов, со Сани Јосифоски минатото лето во Овчеполието... Ја најдов. Големата чучулига е (Melanocorypha calandra) (Видео 3). Нов вид за мене. На знам кој ми е по ред, но секој нов виден вид ме прави среќен за оваа година.
Си одам, а гавраните ме поздравуваат со едно нивно “Nevermore!”. Си мислам не. Догодина пак ќе птичарам во Македонија. Убаво е тука.
И кој знае колку пати пак. И дома во Америка, иако ги имам сите локални видови видено, пак ми е мерак да птичарам, без крај. Пред некој ден водев група на соработници низ гробиштата Маунт Обурн во Кембриџ, Масачусетс. Една од врвните локации за птичарење во Америка. И иако по сто пати ги имам видено, мерак ми беше кога на сред гледање, со групата фокусирана на балтиморска жолна (Icterus galbula), приметив една мала запирка на едно гранче и извикав “Look, a Ruby-throated Hummingbird”, црвеногрло колибри (Archilochus colubris).
Гласот на птиците и на Илија можете да го слушнете и во епизодата „Луѓе со двогледи: птичарите и нивното чудно јато“ на подкастот Обични луѓе