
Обвинението против Шулц (43) било покренато во 2023 година, три години откако државната телевизија ABC објави прилог за нелегални дејства на австралиските сили во Авганистан. Во емисијата „Четири агли“ била прикажана снимка на која се гледа убиството на авганистанскиот земјоделец Дед Мохамед во покраината Урузган во јужниот дел на Авганистан.
По 18-месечни одложувања од најразлични причини, окружниот судија Грег Грогин го предал Шулц на судење пред Врховниот суд на Нов Јужен Велс. Пред сиднејскиот окружен суд во април и во мај веќе биле сослушани обвинетиот и сведоци од Австралиските одбранбени сили и била прегледана снимката на убиството, направена од вградена камера во шлемот на дресерот на куче во патролата.
На снимката се гледа како прво кучето го напаѓа Мохамед на поле со пченица, но се повлекува откако добило команда. Потоа Шулц го вперил оружјето кон човекот што лежи на земјата. Откако три пати прашал: „Сакате да го убијам?“, истрелал три куршуми во човекот.
Од снимката не може да се заклучи дека Мохамед бил вооружен ниту дека претставувал каква било закана за патролата.
Убиениот Авганистанец бил на возраст од дваесетина години и татко на две девојчиња. Репортерите на ABC разговарале со неговиот татко и брат. Тие раскажале дека селаните се пожалиле до австралиските сили неколку месеци по убиството. По спроведена внатрешна истрага било заклучено дека Дед Мохамед бил „легално“ убиен, зашто претставувал „директна закана“ за војниците. Тие сведочеле дека „во раката држел радио“ и „тактички маневрирал“.
Шулц треба да се појави пред Врховниот суд во октомври. Според Кривичниот законик на Комонвелтот, убиството на човек во воена операција претставува воено злосторство ако жртвата не е борец или не може да реагира поради повреда или штета. Мохамед имал состојба на попречен развој на едната нога.
За да се утврди убиството како воено злосторство, обвинителите ќе мора да докажат дека обвинетиот знаел дека жртвата не била во состојба да реагира.