Во текот на Големата депресија, американски архитект кој останал без работа, по име Алфред Мошер Батс, развил нова игра која од играчите барала да испишуваат различни зборови користејќи девет случајно паднати букви. Неговиот изум, наречен Лексико, потоа станал Скребл, игра која до денес е продадена во над 165 милиони примероци на 28 јазици. Официјална верзија на македонски нема, но Букбокс иницираше создавање на правила и прототип кои супер функционираат (види претходно тука).
Сега, прв пат во повеќе од 75 години, играта добива нова верзија. Новата табла има две страни. Едната е за класичната игра, а другата е „Скребл Тугедер“, наменета, според производителот Мател, „за оние кои ги нервираат игри со зборови“.
Играчите во новата верзија работат како тим. Таа трае пократко во однос на претходната, има карти за помош кои играчите можат да ги користат ако заглават во составувањето зборови, а постојат и колаборативни картички со различни цели, односно предизвици.
Засега играта е достапна само во Европа, бидејќи Мател нема авторски права за Скребл во Северна Америка. Таму правата ги има Хасбро, од каде во моментов не планираат да ја воведат оваа верзија.
Мател неа ја базираат на истражувања според кои младите луѓе, „Генерацијата З“ или зумерите не ја сакаат натпреварувачката природа на Скребл. Тие само сакаат игра во која ќе уживаат во правење зборови и дружење, без притисокот на тоа кој ќе победи.
Љубителите на играта веднаш реагираа дека ваквото нејзино упростување е како да ја играш со „иле“ и дека ваквата промена ја отсликува мрзата на младите луѓе да научат да спелуваат и да си го прошират речникот. Од друга страна, нови зборови постојано се додаваат на официјалниот речник поврзан со играта, направен од Меријам-Вебстер. При најновото освежување од 2022 беа воведени повеќе од 500 зборови, вклучитено и subtweet и hangry (со а).