една е мајка

Тетратките на Грејс Хемингвеј

Некои мајки сакаат не само добро да ги запомнат, туку и да ги архивираат и најситните детали од растењето на нивните малечки - стратегија која во некои случаи се покажува како корисна за историјата на книжевноста. Како во случајов, со „Радосницата“ на мајка му на Хемингвеј.

Ернест не се родил како кралско бебе, но неговите детски и адолесцентски години сепак се добро документирани, во тетратки од типот „Радосница“ кои обично ги пополнуваат родителите кога детето ќе се роди. Ама овие се во пет тома, а нив посветено ги пополнувала мајка му Грејс. Сега Претседателската библиотека и музеј на ЏФК ги објави целосно дигитализираните копии, кои ја разоткриваат сложената врска помеѓу славниот автор и неговата мајка. 

Роден во Оук Парк, Илионоис во 1899, Хемингвеј бил второ од шест деца во семејството, и прв син. Подоцна тој ќе ја открие својата омраза кон мајка му, обвинувајќи ја за преголема желба за контрола, која наводно довела до самоубиството на татко му. До толку не ја сакал што кога починала не ѝ дошол на погреб.

Но подоцнежните биографи велат дека Грејс, која била музичар и наставник, била неправедно ограничена на нејзината улога на мајка и домаќинка, и оттаму фрустрирана. Нејзината систематичност и талент за опишување се очигледни во овие тетратки, во кои таа со особено воодушевување зборува за „бебешкото дрдорење" на синот, кое го сметала за „спонтано и оригинално". Уште тогаш, заедно со мирисот на пелените, можел да се насети и неговиот книжевен талент.

Според мајка му, нивната блискост сепак продолжила од детските во тинејџерските години на Ернест. Во тетратката која го покрива овој период, Грејс ставила два негови портрета, едниот со сериозен израз на лицето, а другиот со поведар, отворен лик. Под првата пишува: „Ернест, кога зборува со татко му", а под вториот „Неговиот израз кога му зборува мајка му". Може навистина и било така.

 

 

24 јули 2013 - 10:18