Во 1926 во Торонто, Канада, 72-годишен адвокат по име Чарлс Ванс Милер ручал во хотелот Квинс со двајца колеги. Почнале да се расправаат околу некоја правна закачка. Милер им рекол дека грешат и дека може да им го докаже тоа ако дојдат со него во канцеларија. Со трчање искачил три ката, зграпчил вкоричена збирка закони и - умрел. Само ја ставил главата на маса, и се одјавил.
Неколку денови подоцна почнале гласини. Милер бил многу богат, цел живот одбегнувал скандали, никогаш не се оженил, и најавил дека богатството ќе го остави на Универзитетот Торонто. Но кога неговите колеги-адвокати го отвориле тестаментот, таму пишувало поинаку. Нивниот пријател очигледно решил да се зафркава од гробот. Оставил акции во пивара на свештеници прохибиционисти. Својата вила на Јамајка ја препишал на тројца адвокати, кои не можеле да се погледнат меѓу себе. Но најмногу прашина кренала една клаузула која требало да се активира дури десет години по неговата смрт.
„По истекот на една деценија од мојата смрт, дајте ги парите (денешни седум милиони американски долари) на жената која во тој период ќе роди најголем број деца, согласно државната статистика“.
Веднаш излегле разни теории зошто Милер го сторил ова. Но ниту една не била хуманитарна - ако навистина сакал да помогне на сиромашна мајка со куп деца, можел да ѝ ги даде парите веднаш. Но одложувањето на целата работа создало услови за бизарен натпревар. Некои велеле дека човекот бил голем поддржувач на контрацепцијата, па можеби ова било начин да се укаже на потребата од неа. Можеби го тестирал правниот систем, како тој ќе се справи со луд тестамент, дали на крај ќе биде отфрлен. Но најверојатно Милер едноставно бил откачен и сакал да види што се се подготвени да направат луѓето за пари. И во самиот тестамент тој вели: „Знам дека моите барања се необични и каприциозни, но јас немам наследници ниту пак обврски во таа смисла. Она што го оставам е доказ на мојата глупост - да собирам и трупам повеќе пари отколку што ми требаа“.
Првите неколку години по смртта на Милер не се случило ништо посебно. Но откако останале само четири години до активирањето на тестаментот, судот издал решение со кое се обидел да го анулира и да ги додели парите на универзитетот. Ова се покажало како голема грешка, затоа што само го актуелизирало прашањето, и дури и оние кои не знаеле за натпреварот - сега нарекуван „Штрковско дерби“ - дознале за него.
Станува збор за 1930-тите, време на голема депресија, кога речиси четвртина од семејствата во Торонто биле на социјална помош. Не е ни чудно што некој би се одлучил намерно да раѓа деца за да стигне до големите пари. Почнало перверзно реално шоу, во кое медиумите редовно известувале за конкурентите. Три жени станале долгорочни фаворити. Една од нив, госпоѓа Грејс Банато, во текот на животот останала бремена 24 пати, а преживеале 12 деца. Станувала во 4 наутро за да може да направи макарони, колбаси, ќофтиња и нејзиниот познат црвен сос а потоа по цел ден работела за мала надница. Но јавноста не се интересирала за нејзините, и за маките на другите жени, кои често биле и жртви на семејно насилство, или пак децата им биле од различни мажи. Низ перверзна мешавина на сеир и гадење (од „примитивизмот“ на овие луѓе, главно имигранти, не протестанти, а некогаш и не сосема бели) тие само се палеле на трката. Ова се години пред Втората светска војна, па не помогнало многу што италијанско семејство, учесник во натпреварот, го крстило своето дете Бенито Мусолини. Почнале повици дека се фашисти и закани дека децата ќе им бидат киднапирани.
Една од жените, Полин Ме Кларк, била француска Канаѓанка, омажена за Ирец, и била сигурна дека ќе победи. Тврдела дека има натприродна врска со Милер, кој и кажал дека парите се нејзини. Имала родено 19 деца а ги прехранувала меѓу другото со резбање скулптури од дрво кои ги продавала на улица. Меѓу нив и мини-статуи со ликот на Милер. Кога во еден момент другите мајки се здружиле и одлучиле дека ќе настапат заедно, односно ќе ги делат парите бидејќи и онака сумата била голема, таа не отстапувала. Веројатно била и најсиромашна од сите нив. Таа и нејзините деца живееле на отпад, големи стаорци ги напаѓале бебињата, а едно од нив умрело од повредите.
Во најнова епизода на подкастот This American Life се следи оваа неверојатна приказна во сите нејзини детали. Особено е грозен начинот на кој тогашните медиуми (а велиме денешниве не чинат) ја покривале приказната. Кога по истекот на десетте години почнал судски процес за тоа кој треба да ги земе парите, биле покренати прашања кои Милер не ги предвидел - дали, на пример, бебе родено вон брак се смета за легитимно и дали мртвородено дете се смета за дете. Насловот на монтреалски весник од 1936 тогаш гласел: „Мртвороденче можеби ќе донесе награда во дербито на штркот“. Адвокати, доктори, сведоци, свештеници, сите нагрнале да докажуваат дека овие жени не се соодветни за наградата и дека со тоа САД ќе покаже дека поддржува погрешни вредности. Да не заборавиме, ова е време на подемот на еугениката, и идеите за „чиста раса“.
Системот успеал да ги спинува работите и наградата да појде кај бели протестантски семејства кои не стоеле лошо со приходи, имале покрив над глава и стабилни вработувања. По жалбата на двете сиромашни жени со најмногу (живи) деца, добиле по 200.000 канадски долари. Тестаментот на Милер на крај излегол како многу погорчлива шега отколку што било планирано.
Целата епизода под наслов „Долг фитил“ посветена на зборови со далекусежни последици тука