Дизајнерот на „Таткото“ (The Father) Питер Франсис e номиниран за Оскар за најдобар продукциски дизајн. Ова не значи многу сè додека не го погледнете филмот и не сфатите дека не станува збор само за софистициран избор на бои или убав мебел и теписони, туку за нешто што е клучно за нарацијата - чувството на дезориентација кое го создава сетот, а што треба да ни овозможи нештата да ги погледнеме од аспект на главниот лик. 80-годишниот старец со исто име како и актерот физички е „бикче“, а и интелектуално има прекрасни луцидни мигови во кои освојува со шарм на 20-годишник. Суптилно воведени во неговиот свет, по првите сцени почнува да нè јаде јанѕа, како нешто да не е во ред. Истото чувство кое го има и главниот лик, кој почнува не само да го губи помнењето, туку и да меша ликови и хронологија на настани.
Филмот е самиот по себе моќен, но голем дел од неговата убедливост е постигната со помош на продукцискиот дизајн. Она што изгледа како стан е всушност единствен сет изграден во студијата на Вест Лондон филм, во кој во различни сцени се менувани ентериерни детали, кои го збунуваат и самиот Ентони и гледачот за она што е реално, додека тој се движи од една просторија во друга.
Тоа се всушност четири локации - првобитниот стан на главниот лик пред неговата најголема криза, после која преминува во станот на неговата ќерка Ан (ја игра одличната Oливија Колман), докторска ординација и на крај домот за стари. Константа во сето тоа е само спалната на Ентони, каде завршува и филмот. Но инаку шетањето низ сетот е тотално збунувачки, и тој станува симболичен невидлив актер во филмот, истовремено и клуч за неговото доживување и толкување.
Играта на дизајнерите не е толку со архитектурата, колку со палетата на бои и ситните предмети, како уметнички слики, столици или лампи. Од клучно значење е ходникот кој ги поврзува собите, и кој е често прикажан празен и осамен во долги кадри. Од него се разгрануваат останатите простории, но зад нивните врати има и неочекувани изненадувања - на пример врата што изгледа дека е од спалната соба, а во друга сцена е всушност од шифоњер со чевли.
Oд сите кандидати за Оскар за најдобар филм за 2021, ова е нашиот фаворит. Истото се однесува и за Хопкинс за Оскарот за главна машка улога. Но дури и да бидат прескокнат во овие две категории, „Татко“ едноставно мора да го добие Оскарот за продукциски дизајн.