Филмот е за малиот Макс (во книгата на околу 6, а во филмот на околу 9-годишна возраст), осамено и по малку меланхолично дете-бељаџија, коe една вечер после караница со мајка му бега од дома, и го започнува замисленото патување со бротче, кое го носи во земја на огромни, влакнести чудовишта, кои го прогласуваат за нивен крал, откако ќе му поверуваат дека тоа била неговата титула и во земјата од каде дошол.
Чудовиштата се во голема мерка проекција на луѓето во секојдневнието на Макс, кој преселувајќи ги на посигурниот терен на измисленото - кое може да го контролира - многу полесно излегува на крај со нивните карактери и каприци, но и со сопствените стравови. Како и во секоја класична бајка, по успешното минување низ опасниот, див терен, Макс со задоволство се враќа кај неговата загрижена мајка, и лапливо голта чоколадна торта со млеко.
Иако звучи како филм за деца, тој сепак е многу повеќе филм за оние кои некогаш биле како Макс, или за оние кои имаат деца. За да сфатат - ако веќе не им е јасно - колку длабоко и интензивно тие ги доживуваат родителските расположенија и отсуството на нивно внимание.