Во 2017 едно ливче со реченица од 13 зборови на германски, напишана со оригиналниот ракопис на Ајнштајн, беше понудено на аукција во Ерусалим. Неговата архива се чува во Хебрејскиот универзитет, институција која тој помогнал да се основа во 1920-тите, и на која ѝ оставил 30.000 документи. Неколку пати поголема од архивите на Галилео или на Њутн, таа се споредува со онаа на Наполеон. Сепак, ова конкретно ливче немаше врска со архивата, и покрај тоа што во збирката се чува негова копија. Тоа е испишано и потпишано во Јапонија, на ливче со грбот на Кралскиот хотел во Токио, датирано ноември 1922, месецот кога Ајнштајн ја доби Нобеловата за физика. Тој престојувал во хотелот во текот на неговата масовно посетена тура низ земјата, кога привлекол повеќе внимание отколку јапонското царско семејство. Очигледно по малку тензичен поради сета таа популарност, тој одлучил да запише некои од своите мисли и чувства за животот, и му го дал ливчето на курир во хотелот веројатно во замена за бакшиш.
Наддавањето за пораката во Ерусалим почна со 2000 долари. За околу 20 минути цената порасна на конечните 1.56 милиони долари. Преведена на англиски, реченицата гласи: „Спокоен и скромен живот носи повеќе среќа од бркањето успех комбинирано со постојана вознемиреност“.
Ова сигурно би го извадило од памет самиот научник, кој и за време на животот бил зачуден од сопствената слава која не згаснува. Денес, Ајнштајн е најцитираниот научник на светот, многу повеќе од Аристотел, Дарвин, Хокинг, Орвел, Черчил. Изгледа како да има непресушен извор на скапоцени цитати кои некако магично искрснуваат од огромната архива на Ајштајн, и никако да се исцрпат.
И тие не се однесуваат само на науката - тој изгледа имал коментар за сè, од образование, интелигенција, политика, религија, пари, брак и музика. На пример: „Разликата помеѓу генијалноста и глупоста е што генијалноста има граници“. Или: „Смртта значи дека веќе не можеш да го слушаш Моцарт“. „Работите треба да се поедноставуваат колку што е можно повеќе, но не повеќе од тоа“.
Токму оваа последна изрека неодамна исполнила цела страница како дел од реклама за домување во списанието Nature, а сите спомнати, и уште куп други се појавуваат одново и одново во водечки весници и се шират онлајн.
Дали навистина Ајнштајн го кажал сето ова? Според истражување спроведено од Аеон, односно од Ендру Робинсон, новинар и писател чии книги ја вклучуваат „Ајнштајн: сто години релативност“ (2015), дел од цитатите можат да се најдат во архивите, писмата и документите на физичарот. Други се базирани на сеќавања на оние кои добро го познавале, трети мутирале со текот на времето, четврти само од далеку го отсликуваат неговиот начин на мислење (или она што мислиме дека тој го мислел), или се конзистентни со неговото однесување, но не се вистински негови. Има и посебна категорија, целосно измислени, заради искористување на репутацијата на научникот и припишување кредибилитет на некоја кауза, производ или идеја.
Причината за ова е во комбинацијата на ликот на Ајнштајн, кој не е само како научник, туку и хуманист, пацифист и ексцентрик. Колкав број маркетинг агенции би го искористиле Њутн, на пример, за да промовираат производ за широка употреба, откако веќе еднаш (всушност кој знае колку пати) е исцрпена идејата со јаболкото? Њутн не е во устите на политичарите, и тој ретко е цитиран вон научен контекст. За него постојат мал број анегдоти и ниту еден виц. Никој не може да замисли популарна книга со наслов „Цитати на Њутн“, а таква книга за Ајнштајн постои.
Разликата е во нивните личности, или барем во она што го знаеме за двајцата. Ајнштајн имал два неуспешни брака, семејни трагедии (неговиот втор син ги минал последните три децении во швајцарска психијатриска болница), многу се дружел, одржувал јавни говори, се допишувал со непознати луѓе и им помагал на научните „колеги“ и на младите. Освен неговите остри ставови во врска со нацизмот и антисемитизмот, сегрегацијата на црнците и нуклеарната војна, сите дискусии кои ги водел биле смирени и без злоба кон оние кои ги критикувал. Најлошото што го има изјавено за колега бил коментарот за Нилс Бор, „Треба да поцрвениш од срам, Бор“.
Но кога не работел наука и не се борел против разни форми на репреција тој знаел и да ужива. Едрел, слушал музика и не бил опседнат со материјален успех. Дури и папата Јован Павле втори, зборувајќи на стогодишнината од раѓањето на Ајнштајн во 1979, изјавил дека е „исполнет со восхит за генијот низ кого се произнесува креативниот дух“, залагајќи се Црквата да ја открие хармонијата која постои помеѓу научната и религиската вистина.
И тука лежат дел од причините за неговото погрешно цитирање - во човечката желба за мистификација на авторитетите, но и онаа да им се затвори устата на противници со цитат од некој поголем и попаметен од сите. А тој имал и автентичен цитат и за ваквиот феномен: „За да ме казни заради мојот презир кон авторитетот, Судбината ме направи авторитет мене“.
Претходно: Цитатот и неговиот вистински автор