Таа во текст за Пешчаник на оваа тема почнува од филмот „Погледот на Одисеј" на Тео Ангелопулос (за кого детално пишувавме тука), чиј главен јунак игран од Харви Кајтел патува по балканското минато, секаде среќавајќи една иста жена. Таа е носител на колективната меморија, но токму заради таа нејзина карактеристика има способност и да предупреди на идни несреќи. За жал во филмот неа никој не ја слуша, и таа гине во Сараево, носејќи ја со себе сета стекната мудрост.
Традиционалните балкански култури, вели Слапшак, им овозможувале на жените моќ во областите на машките стравови - природа, магија смрт - особено ова третото. Во сите тие култури машкото тело, кога ќе умре, им припаѓа на жените, кои го мијат, облекуваат, оплакуваат. Мажите се тргаат настрана од контакт со мртвите, како што бегаат од женскиот свет собран околу пораѓањето.
Вилите и вештерките ја населуваат природата и маргините на населбите, се разбираат во билки и волшебства, и не им се наклонети на мажите. Додека за мажите овие фантазии се главно сексуални, за балканките тие претставуваат и замислен простор на женските слободи, кодифициран во усмената женска книжевност. Вук Караџиќ, самоукиот европски рационалист од Балканот, ја поделил усмената книжевност на „машки", значи епски песни, и на „женски" - значи сето останато: балади, заспивалки, обредни песни, бајки, гатанки, клетви, љубовни. Првата е еднострана и агресивна идеологија, втората шарено и сложено секојдневие. Куќата и затвореноста можат да бидат идеален простор за субверзија.
А што ја чекало балканката вон домот во минатиот век? Националните движења често ги користат жените како симбол, и уште почесто ги напуштаат или им препорачуваат враќање во домовите по постигнатата победа; конечно, тие се оние кои треба да произведат нови припадници на народот. Историјата на Втората светска војна во Југославија можеби е најфасцинантиот пример како релативно мала група комунисти успеала со темелна работа на терен и во воени услови да убеди голема маса жени да го потпомогнат партизанското движење, за после војната да добијат нови права. Програмата целосно успеала, во толкава мера што женското политичко организирање веќе по неколку години станало опасност за комунистите, и АФЖ е расформиран. Ако тоа го преведеме во нарација, балканската жена имала патријархален маж кој после секоја голема промена повторно се појавувал, и во склад со балканските традиции можеме да го наречеме вампир. Од друга страна, повремено имала и либерален смртен љубовник кој многу ветувал а понешто и остварувал - за жал и тој премногу често воскреснувал токму како вампир.
Во анализата на наводната изолираност на балканската жена Слапшак цитира и една сосема заборавена српска писателска Јелена Димитријевиќ, која на почетокот на 20 век ги опишувала турските хареми во Солун. Во својот роман „Нови" (1912) таа им оддава почит на првите турски феминистки и балкански жени воопшто, кои иако практично немаат допир со надворешниот свет зборуваат по десетина јазици - турски како мајчин, арапски како јазик на Куранот, персиски како јазик на убавата книжевност, грчки како јазик на средината, ладино за разбирање со трговците, малку српски и албански за слугите, малку ромски за договор со музичарите, француски, англиски или германски зависно од гувернантите од Запад најмени од таткото, или заради списанијата кои пристигнуваат во харемот. Зошто сите тие јазици ако не се употребени за „корисно" разбирање со другиот? За она што е дел од културата на балканските жени - играта. Во играта знаењето и моќта се проверуваат, со играта се субвертира ненаклонетата машка јавност. И денес некогашните институции на трансфер на идеологија во култура, друштвата на книжевници и преведувачи, во сите посткомунистички општества на Балканот имаат иста родова структура: книжевниците се претежно мажи, а преведувачите претежно жени. Тие се занимаваат со креација, а жените им ја препуштаат таа илузија, откако еднаш ја имаат разобличено.