Сте се обиделе да вденете конец во игла без исплазен јазик?

Она кога правиме нешто што подразбира прецизност на рацете и се фаќаме како несвесно јазикот ни ѕирка од устата? Ова можеби изгледа смешно, но открива една цела историја на еволутивни врски во човечкото тело.

Сигурно сте се фатиле во таква ситуација. Вденувате конец во игла или се обидувате да изведете некоја друга прецизна работа и сфаќате дека јазикот ви е исплазен, како да има сопствена волја. Што има врска мускулот на јазикот со нешто што го контролираме со рацете?

Таква интимна врска сепак постои на несвесно ниво и таа има длабоки еволутивни корени чие истражување може да помогне да сфатиме како мозокот може да ни функционира без свесен напор.

Вообичаено објаснување за тоа зошто го исплазуваме јазикот кога изведуваме прецизни движења е нешто наречено „моторно преоптоварување“. Теоретски, потребен е толку голем когнитивен напор за да се вдене конец во игла (или за друг вид фини моторни вештини) што нашите мозочни „кола“ се закочуваат и активираат такви кои им се блиски, иако за тоа нема потреба. Но трасирањето на невралната анатомија на јазикот и рацете за да откриеме каде точно би можел да се случи ваквиот „курцшлус“ покажува дека станува збор за сосема различни нерви кои ги контролираат двете нешта. Ова има логика: лице кое страда од повреда на 'рбетниот столб може да има парализирани раце, но не ја губи способноста да зборува. Тоа е затоа што јазикот е контролиран од кранијален нерв, а рацете од спиналните. 

Тоа се фундаментално различни видови нерви - кранијалните влегуваат во черепот преку мали отвори, поврзувајќи се директно со мозокот. Секој од нив врши одредена сетилна или моторичка функција. На пример првиот кранијален нерв го поттикнува чувството на мирис. Јазикот еконтролиран од 12-тиот кранијален нерв, наречен хипоглосален. Наспроти ова, мускулите кои ја контролираат раката добиваат инструкции од нервите кои излегуваат од 'рбетниот столб, а сетилните сигнали одат во спротивен правец. Јасно е дека каков и да е проблем во комуникацијата помеѓу јазикот и контролата на рацете би морал да потекнува во нагорен правец од овие две групи нерви, некаде внатре самиот мозок.

Но дури и таму, во мозочниот моторички кортекс, областите кои го контролираат јаизкот не се допираат со регионот кој ги контролира прстите. Оттаму, врската мора да биде некаде на друго место, најверојатно во област каде комплексните неврални кола вршат високо софистицирани фунции. На крајот на краиштата, една од најсофистицираните функции која можат да ја изведуваат луѓето е говорот. Следното е користењето алатки, токму она кога и доаѓа до несвесното исплазување на јазикот. Случајно?

Всушност истражувањата покажуваат дека постои силна врска помеѓу изговарањето слогови, прецизноста и моќноста во изведувањето на одредени физички дејства. Оние кои се занимаваат со боречки вештини знаат колку голем ефект има извикувањето експлозивни и кратки зборови во текот на борбите, а истото важи и за тенисерите. Спарувањето на движења на телото со специфични движења на устата, најчесто со вокализација, го скратува времето на реакција потребно да се направат двете нешта. Ова невролошко спарување е толку длабоко вкоренето што најчесто и не обрнуваме внимание на него. 

Ова се забележува не само кај спортисти туку и кај музичари, кои знаат впечатливо да гестикулираат со рацете додека пејат. Ова не е само знак на „уметнички занес“ туку начин да се биде попрецизен и поконцентриран во изведбата. 

Од еволутивна гледна точка, оваа врска најверојатно потекнува од движењата на нашите предци со рака додека се хранеле и истовремено ја развивале способноста за говор. Гестовите со раце биле првиот тип на комуникација и тие постепено се претопиле со соодветните изговори на слогови на устата. Студии покажуваат дека специфични движења на рацете и јазикот го активираат истиот регион во мозокот во предмоторниот кортекс. Освен тоа, истите неврони во предмоторната област се активираат кога мајмун посегнува по предмет, без оглед дали тоа го прави со рака или со уста. Тоа значи дека кога нешто правиме со исплазен јазик тоа и реално ја подобрува нашата изведба. Затоа, без оглед колку глупаво изгледа, слободно плазете се.

извор

30 август 2023 - 10:40