Она што го знаеме за градот во кој живееме е збир од официјална историја, урбана митологија и нашите лични спомени. Тој е истовремен извор на гордост, носталгија, локал-патриотизам, но понекогаш и на гнев и срам од она што се случува во градот кој сакаме да го нарекуваме наш, а кој некаде по пат ни се отуѓил како некогашен љубовник, или грубо ни го завртел грбот.
Пренесувањето на ваквото знаење за нашиот град на некој од надвор е тешко, но не и невозможно. Особено ако тој не се наоѓа на некој друг континент, туку бил дел од малку поширока интимна историја, онаа врзана со палмите и морето, и градот од кој наводно потекнува „банана сплит".
Во воведот на лексиконот „Сплит за почетници" авторите се оградуваат, дека тука не се работи за „сериозна и темелна, учена и мудра книга", туку за прирачник за почетничко, површно снаоѓање низ градот. Иако непретенциозноста е доблест, книгата, и по амбиција и по став е далеку од несериозна и нетемелна. Ако и до сега сте знаеле нешто за урбаниот фолклор, сленгот, битните фаци и традиционалните (не)пријателства на Сплиќаните со жителите на другите населени места во Хрватска и пошироко (па и со „Македонците"), оваа книга само ќе ви покаже дека не сте знаеле доволно. Ако пак не знаете ништо, овој неофицијален туристички водич ќе ви се види како роман (или повеќе драма), во кој куп живописни ликови врз позадината на една античко-медитеранска сценографија плетат приказни кои се често толку неверојатни, што на нив единствено можете да реагирате со - „Ајмеее!".
Интересен е и „происходот" на авторите, кои се стереотипно анимозитетна комбинација на човек родум од Сплит (Иванишевиќ), кој заминал на студии во Загреб од каде „несмотрено се вратил", и човек роден во Загреб (Баретиќ) кој веќе дваесетина години живее во Сплит и „од таму го гледа светот со други очи". Токму нивната автоиронија, но и очигледно компатибилен сензибилитет во пристапот кон понекогаш чувствителни теми, ја прават оваа книга бескрајно шармантна. Како и посветата од драги пријатели, која вели: „На Илина, за скитање по античкиот град-побратим - Сплит има микро клима".
На нашите побратими како еквивалент на речников им ја нудиме „Досие Скопје". А еве што, меѓу другото, научивме за нивниот град од книгата:
Редикул - име за личност на која, не по нејзина вина, ѝ е скратен значаен процент на ментална способност, па тој недостаток го надокнадува со понтецирано користење на нешто од она што му/ѝ преостанало. Во речникот се наведени неколку такви примери, меѓу кои неправедно и извесен ПАЈДО, кој во неговите вербални мајстории често ги навлекувал наивните ГЛАМЦИ - мали риби кои невнимателно го загризуваат секој фрлен мамец, во преносно значење личност која лесно наседнува.
Маре Жебон (со фотографија на која една грда бабичка е во маица на Хајдук) - „најистакнутија градска еротска обртница"
Орсон Велс често и долго престојувал во Сплит обидувајќи се тука да сними филм. Како дел од хонорарот за улога на четнички војвода во „Сутјеска" барал наем на дрвена едрилица по негов избор. Одел и на утакмици на Хајдук. Сплит пак му возвратил со изградба на споменик, кој (барем така велат) не му служи баш на чест.
Пушти ме да поминам! - најтесната улица на светот која се наоѓа во Диоклецијановата палата, долга пет метри а широка само 57 сантиметри. Добро исхранетата г-ѓа Хрушчов се обидела да мине по неа во шеесетите, и многу се израдувала кога тоа ѝ пошло од рака, со што е избегнат можен дипломатски инцидент.
KAРАЊЕ - клучен доказ на побратимството со Македонците, со значење „влегува во кавга“, што можеби и не е толку далеку од она „карање“, имање близок психо-физички однос со Другиот
МАКЕДОНЦИ - само навидум контрадикторно со претходното, сплитски синоним за слаткари, најчесто со албанско потекло
И на крај една интересна коректорска грешка - вели „Панчиќ, Теофил, книжевен критичар, колумнист и есеист, во раното лето 2103 престојуваше еден месец како гостин на сплитската резиденција за писатели". Таму времето изгледа навистина тече поинаку - фала му за сите негови синови и ќерки, и за онаа банана на пола, макар и не била од Сплит.
(избор од лична фото-архива)