Растен во голема сиромаштија на преминот од 19 во 20 век, Трофим Лисенко верувал во напредокот кој го ветувала комунистичката револуција. А кога доктрините на науката и оние на комунизмот ќе се судреле, тој бил на страната на второто, верувајќи дека биологијата на крај ќе ѝ се потчини на идеологијата.
Секако, тоа никогаш не се случувало. Но на некој откачен начин, приврзаноста кон идеологијата, особено неговото непријателство кон Западот и недовербата во западната наука, е причината што неговиот лик и дело доживуваат рехабилитација во современа Русија, во која владее силно анти-американско чувство.
Роден во селско семејство во 1898, тој бил неписмен до 13-годишна возраст. Ги искористил предностите на револуцијата, се описменил и успеал да влезе во неколку земјоделски училишта. Таму почнал со експериментирање, применувајќи нови методи на растење грашок во текот на долгите и тешки советски зими. Иако неговите опити биле лошо осмислени, уште полошо изведувани, а најверојатно некои од резултатите биле лажирани, истражувањата му донеле признание од државниот врв. Медиумите го нарекувале „босоногиот научник“, правејќи од него симбол на обичен селанец кој успеал да стане врвен научник.
Така, Лисенко во 1930-тите станал главен и одговорен за советското земјоделие. Единствениот проблем биле неговите ненаучни идеи, особено неговиот презир кон генетиката. Иако млада област, генетиката рапидно се развивала во претходните две децении, а првата Нобелова за генетика била доделена во 1933. Веќе се знаело дека растенијата и животните имаат стабилни карактеристики, запишани во гените, кои ги пренесуваат на нивните потомци. Иако формално биолог, Лисенко ги сметал ваквите идеи за реакционерни и зли, верувајќи дека придржувањето до нив значи статус кво и негирање на капацитетот за промена. Тој всушност ја промовирал марксистичката идеја дека околината самата ги моделира растенијата и животните. Доволно е тие да бидат ставени во соодветниот контекст и да се изложат на вистинските дразби, и со нив може да се прави што и да е.
Така, Лисенко почнал да ги „воспитува“ советските растенија да ’ртат во различни делови од годината, со тоа што, меѓу другото, ги потопувал во мраз студена вода. Верувал дека идните генерации на истите растенија ќе се „сеќаваат“ на ваквите дразби и ќе ги наследат добрите особини, односно имунитетот на студ. Според традиционалната генетика ова е невозможно - како да пресечете опашка на мачка и да мислите дека таа ќе роди мачиња без опашки. Но Лисенко не се предавал. Ветувал дека наскоро на Сибир ќе растат дрвја со портокали, и дека ќе ја претвори инаку соголената внатрешност на Русија во огромна плодна нива.
Ова било точно она што сакале да го слушнат советските лидери. Со поддршка на Лисенко тие спровеле катастрофални реформи за „модернизација“ на советското земјоделство, при што милиони луѓе морале да влезат во државни земјоделски задруги и да ги следат државните политики во оваа област. Приморани да ги слушаат глупостите на Лисенко, тие ги саделе растенијата многу блиску едни до други (затоа што според него расадите од ист вид не се меѓусебна конкуренција), а не смееле да користат ни пестициди ни ѓубрива.
Според книгата „Гладни духови“ на Џаспер Бекер, житото, р’жта, компирите, цвеклото, речиси сè што било посадено и растено според методите на Лисенко угинало или скапало. Ова директно или индиректно убило 7 милиони луѓе. Но Сталин не се откажувал - дури и ги пропагирал истите методи во Кина, која ги прифатила во доцните 1950-ти, со уште поголеми последици. Селаните таму како последица на „реформите“, за да преживеат морале да јадат кора од дрвја и птичји измет , а најмалку 30 милиони луѓе умреле од глад.
Вон СССР научниците остро го напаѓале Лисенко, кој според еден британски биолог бил „комплетно неинформиран за елементарните принципи на генетиката и физиологијата на растенијата“. Но ова Советите го отфрлале како буржујска пропаганда и империјалистичка опресија. Освен тоа, Лисенко се заложил сите негови колеги кои не сакале да се откажат од генетиката да бидат исфрлени од своите работни места, ставени во затвор или институционализирани во психијатриски болници. Пред 1930-та СССР имал најдобра генетичка наука на светот - по Лисенко таа е вратена назад за најмалку половина век.
По смртта на Сталин во 1953, неговото влијание се намалило. До 1964 Лисенко бил прогласен за диктатор на советската биологија. Умрел во 1976, без никакво влијание. Неговиот портрет се уште висел на ѕидовите на некои институции дури и во текот на владеењето на Горбачов, но до 1990-тите земјата конечно ги оставила зад себе ужасите предизвикани од него.
Сепак, денес Лисенко доживува ренесанса во Русија. Се имаат појавено неколку книги и статии кои ги слават неговите идеи, и тоа од необична мешавина руски екстремни десничари, сталинисти, неколкумина квалификувани научници, па дури и од православната црква. Има повеќе причини за ваквата повторна популарност: растечката недоверба во науката како таква, анти-западниот сентимент, но и фактот дека 47% од Русите (според анкета од 2017) го оправдуваат „менаџерскиот стил“ и карактерот на Сталин.
Тука некаде се вклопува и Лисенко. Науката повторно се первертира за да се промовира идеологијата. А дури и неговото име да е фрлено во контејнерот на историјата, опасностите од „лисенкоизмите“ не престануваат.