Еди Родни Флеминг живее сам, откако ја загубил работата и семејството. Единствена „забава“ во текот на денот му е одењето до локалниот гранап, читање и собирање дневни весници.
Едно сабајле во станот му упаѓа полиција, и го собира за распит. Првично, темата на сослушувањето е украдена кола, но набргу станува јасно дека тензијата која владее во полициската станица нема шанси да се должи само на ваква баналност. Скоро целиот филм, со само неколку „флешови“, се одвива во просторијата за испрашување, и на почетокот делува како кафкијанска приказна за онеправдан маргиналец, кого полицијата го одбрала како жртва за расчистување на неразјаснетите случаи. Но сценариото вози толку добро што низ дијалогот на обвинителите и обвинетиот неколку пати го менувате мислењето за тоа на чија страна сте, и кој ја зборува вистината. И ова се случува толку суптилно, и на толку нерационално ниво, што почнувате да се плашите од начинот на кој и инаку ги носите ваквите одлуки.
Додуша Хуго Вивинг (пред да стане славен заради Матрикс и Господар на прстените) е толку добар во својата улога на осомничениот што би се осмелиле да кажеме дека дури и Квеј Спејси во улогата на Вербал Кинт може вода да му носи. Без никакви други алатки освен сопствениот лик и глас (главно го гледаме седнат, значи скоро и да не го користи остатокот од телото), тој успева да долови палета подтексти, двосмислени сигнали и чувства, играјќи игра на мачка и глушец со неговиот главен испрашувач, детективот Џон Стил (го игра исто така одличниот Тони Мартин).
Филмот остава едно морничаво чувство на изманипулираност на потенцијално дијаболичен ум. Кој излегува дека не е ничиј друг, туку нашиот сопствен.
* Филмот го има на Нетфликс
Илина, Букбокс