Извадок од книгата „Крајот на заборавањето: растење со социјалните мрежи“ од Кејт Ајхорн (9 jули 2019)
Само неколку децении во ерата на дигиталните медиуми, способноста да се остават детството и тинејџерските години зад себе е драстично намалена. Иако е тешко да се зборува за точни бројки, очигледно е дека мнозинството млади луѓе со пристап до мобилни секојдневно се сликаат и постираат селфиња. Иако ова на прв поглед не делува како важно прашање, се уште не е јасно што ќе значи ваквото екстремно документирање на слики формирани во текот на детскиот и адолесцентниот период од животот, а кои се вградуваат не само во дигиталните мемории, туку индиректно и длабоко во мемориите на оние кои ги имаат направено.
Ваквата загриженост е тотално спротивна од онаа која ја покажуваа теоретичарите на медиумите, социолозите и дигиталните скептици во 1990-тите. Тие, имено, се плашеа дека непречениот пристап до секакви интернет содржини морално ќе ги деградира децата, прерано ќе ги запознае со нешта за кои тие не се подготвени, па оттаму ќе ја загрози „невиноста“ на нивното детство. И ова секако се легитимни прашања - интернетот навистина ја направи попристапна порнографијата, вклучително и онаа насилната, им овозможи плесен пристап на предатори-педофили до млади луѓе итн. Додека медиумите беа опседнати со тоа како да ги заштитат децата од хакери, манијаци и други интернет „зликовци“, докторите ги бележеа сите здравствени ризици од минувањето долго време онлајн - искривувањата на ’рбетот, прекумерната дебелина, како и менталните проблеми, од социјална изолација до депресија.
Зголемената регулација на интернетот и надзорот над она до што имаат пристап децата и младите сепак се базираше не на научни докази, туку на теоријата за „детската невиност“ која во овој случај е загрозена од надворешни влијанија. И таа е користена не само заради некаква заштита на децата, туку и за промовирање онлајн цензура од страна на морално испаничените родители и наставници. Во статија од 1997 под наслов „Радикалниот наставник“, теоретичарот на медиуми Хенри Џенкинс точно забележал дека реалниот проблем не се новите медиуми (бидејќи морална паника имало и претходно, за негативните ефекти на киното, радиото и ТВ), туку самиот мит за детската невиност:
Митот за детската невиност ги ’празни’ децата од какви и да е сопствени мисли, им ја одзема способноста за политичко влијание и влијание врз општествените агенди, по што тие стануваат средства за исполнување на потребите, желбите и политиките на возрасните...’Невиното’ дете станува опасна апстракција која почнува да го заменува во нашите мисли вистинското дете, и помага во оправдувањето на напорите за ограничување на реалните детски умови и регулирање на нивните тела. Овој мит на децата гледа само како на потенцијални жртви на возрасниот свет, или како на корисници на патерналистичка заштита, а е во спротивност со педагогиите кои им даваат моќ на децата како на активни субјекти во образовниот процес. Не можеме да ги научиме децата критички да размислуваат ако не им овозможиме пристап до информации со ризична содржина или доколку не ги соочиме со провокативни слики.
И Џенкинс не е едиствениот кој инсистира(ше) дека реалниот предизвик е децата и младите да се научат да го користат интернетот на проудктивни и иновативни начини. Истите оние млади на кои им беше даден пристап до интернет во 1990-тите и раните 2000-ти ги изградија социјалните мрежи и другите онлајн платформи кои ги трансформираат животите на луѓето од сите возрасти на крајот на првата деценија од новиот милениум (во 1996, Марк Закерберг имаше 12, а Брајан Чески од Ербнб 15 години). Но на времето неговиот аргумент цирклулираше во култура каде голем број луѓе веќе имаа кренато раце од иднината на детството, односно кои беа убедени дека границата помеѓу детството и возрасното доба веќе еродирала.
Но еве, во денешното дигитално доба, детската и адолесцентската култура се здрави и живи. Поголемиот дел млади луѓе минуваат часови онлајн во светови кои на повеќето возрасни не им се воопшто интересни и до кои имаат само ограничен пристап. И токму тука лежи и најголемата разлика помеѓу денешната и некогашната технологија. Во печатениот свет, возрасните одредуваа до што можеа да пристапат децата - тие ракуваа со печатарските преси, ги купуваа книгите, ги контролираа библиотеките. Сега децата слободно ги градат своите светови и ги полнат со свои содржини. Содржината доминантно е концентрирана на сопственото „јас“ (оттаму и доминацијата на селфињата). Концептот на детство преживеал, но неговата дефиниција се повеќе е во рацете на самите млади. Ако тоа некогаш било конструирано од возрасните и потоа проектирано на децата (преку внимателно бирани слики во семејниот албум или серија домашни видеа), ова веќе не е случај. Денес, младите си создаваат слики и ги пуштаат во оптек без мешање од страна на возрасните.
Сосема спротивно на предвидувањата од пред неколку децении, детството никогаш не исчезна. Наместо тоа децата и адолесцентите денес се повидливи од кога и да е. За прв пат во историјата тие имаат широк пристап до технологии кои им се потребни да ги претстават нивните животи и да ги пуштат истите во оптек. Оттаму, потенцијалната опасност веќе не е исчезнувањето на детството, туку можноста за неговото одложување или постојано присуство. Реалната криза на дигиталното доба е детство кое не може да биде заборавено.