„На едно списание, како на еден коњ или како парен брод, му е потребно доволно време за да ја покаже вистинската сила“, напишал Њујорк Тајмс по повод излегувањето на тогаш новото списание. 160 години подоцна, Атлантик проживеа многу повеќе дури и од најиздржливите парни бродови и коњи на 19 век. Во медиумски пејзаж кој во тој период доживеа неверојатни промени.
Но некои феномени како да се повторуваат. Во тој деветнаесети век телеграфот го направил она што денес ни го прават телефоните - целосно ги променил очекувањата на луѓето за тоа што претставува информација, и колку брзо и точно таа треба да биде пренесена од еден релевантен медиум. Пораките кои пристигнувале на новинскиот „деск“ биле всушност трошки од информации, нецелосни описи на настани, нешто што денес изгледа како старовремски Твитер - фрагментирани извештаи од различни географски локации. На пример: „Поштата во Монтгомери најавува убиствен мраз во областа“. Или: „Гувернерот Вајс испрати 3.000 пушки-мускети во Балтимор, во согласност со барањето на Гувернерот Лиџон“.
Овие телеграми биле пренесувани во весниците онака како што денес ретвитаме или следиме една иста вест во низа. Помеѓу таквите објавувани во периодот кога се појавил Атлантик имало вести за експлозија во фабрика за гума во Провиденс, страшна бура во Норфолк, висока затворска казна во Чикаго, отпуштањето на морнарички функционер итн.
Секоја од нив е како инстант-фотографија, без неопходниот контекст. Но телеграфот бил главниот технолошки изум кој уште долго доминирал со вестите, одредувајќи ја нивната секојдневна динамика. И како што и денес често се жалиме на испразноста на социјалните мрежи, така и тогаш, во статија од 1858 во Њујорк Тајмс, коментаторот напишал дека „сета телеграфска интелигенција е површна, ненадејна, нефилтрирана и премногу брза за вистината. „На поштата од Европа ѝ требаат десет дена да пристигне до нас. Каква потреба има за испресечени вести на секои десет минути? Колку тривијална и празна е телеграфската колумна“.
Звучи познато?