Кога станува збор за погрешно припишани цитати (за што подетално пишувавме тука), најголемите грешки се прават кога некоја изјава „му стои“ на одреден автор, односно се вклопува во неговиот генерален светоглед. Така и не е чудно што горната реченица вообичаено му се припишува на Волтер, затоа што сосема соодветно ги опишува политичките уверувања на француските мислители од 18 век.
Но „Не се согласувам со тебе ама...“ не било кажано од Волтер, туку за него. Тие се содржани во биографија посветена нему од 1906, под наслов „Пријателите на Вoлтер“ од англиската писателка Беатрис Евелин Хол. Таа ја потпишала книгата со псевдонимот Стивен Г. Талентајр (S. G. Tallentyre), сакајќи да го опише ставот на Волтер кон еден друг француски филозоф, Хелвециус. Иако на почетокот блиски, и приватно и на интелектуален план, филозофските патишта на овие двајца мислители во еден момент почнале да се разијдуваат. Хол во биографијата вели вака:
„Волтер му ги прости сите намерни и ненамерни навреди. ’Не се согласувам со она што го кажуваш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш’, беше неговиот став.“
Тоа што оваа реченица е кажана во прво лице создала впечаток дека е на самиот Волтер. Хол, која починала во 1956 на возраст од 87 години, напишала уште девет други книги, но нејзиниот најголем придонес во книжевната историја - тоа што овој цитат го има ставено во устата на Волтер.