Романтичната приказна за „русокоса и синоока Еврејка" којашто се заљубува во СС-командант во концентрациониот логор Терезиенштад, под наслов For Such a Time, на авторката Кејт Бреслин, предизвика скандал и ги навреди авторите на книги од овој жанр откако беше номинирана за годишната награда на здружението на автори на љубовни романи на Америка RITA (Romance Writers of America), и тоа во две категории - најдобра дебитантска книга и најдобра „инспиративна" (во значење на христијанска) романса.
Книгата е базирана на библиско предание, според кое девојката Хадаса си го менува името во Ештер за да стане кралица на Персија и го преколнува нејзиниот маж да не изврши геноцид врз нејзиниот народ. Во верзијата на Бреслин Хадаса се вика Стела, работи за СС командантот Арик фон Шмит, откако тој ја спасува од стрелање. Тие двајцата страсно се заљубуваат, за таа мотивирана од библиските приказни за Христовата жртва и од нивната љубов потоа да премине во христијанство.
Критичарите на романот и на одлуката тој да биде номиниран велат дека со оглед на позицијата на главните ликови, се работи за таква нерамнотежа на моќ (Стокхолмски синдром?) која е перверзно да се претстави како романтична нарација, а дека локацијата на дејството - концентрационен логор - е скандалозна. Други го сфаќаат претставувањето на ликот на нацистот како некој којшто е сочувствителен и на кого може да му се прости како амнестирање на сите нацисти за нивните злодела. Менувањето пак на еврејската вера на крајот на книгата според нив е знак дека само христијанството е коректниот пат, што е ехо на присилните конверзии на голем број Евреи во текот и по холокаустот.
Овие замерки не се упатени само кон авторката, туку и кон издавачот, бидејќи ниту една книга не се пишува и објавува во вакуум. Поголем број луѓе требало да се согласат дека оваа приказна е вредна, не само да излезе, туку и да добие награда. Уште понеобично е што на Амазон книгата има добиено речиси 200 критики со 5 ѕвезди. Книгата на крај сепак не доби ниту една од наградите кои беа доделени на крајот на јули, а организаторите се правдаа дека таа не била изземена од конкуренција бидејќи тоа би можело да се толкува како цензура.