Во момент кога сексуалноста стана толку сложен концепт што метафората за пчелите и цвеќињата веќе не е ни политички коректна (дали меѓу пчелите има и трансџендер?, не ли може цвеќето да се размножува со друго цвеќе? итн.), делува утешно што работите на ова поле можат да бидат и малку поедноставни. Како во новите амишки љубовни романи, во кои нема секс, но има бебиња, нема голотија но ликовите соблекуваат слој по слој облека, а физички контакт помеѓу лица кои не се во брак нема, освен ако Бог не одлучи поинаку заради вонредни околности од типот на торнадо или домашен пожар (а ваквите околности изгледаат необично чести).
Во текст во Њусвик посветен на оваа тема се наведуваат неколку мега-популарни романи од овој тип во моментов - „Жетва на благослови" на Шарлот Хабард или „Амишкото искупување" од Патриша Дејвидс. Во вториот Мери, главниот женски лик, ја губи рамнотежата но е спасена од паѓање од додворувачот Џошуа:
„Таа ќе се сопнеше да не ја фатеше околу појасот и не ја приближеше кон него. Тој ја погледна во нејзините ширум отворени очи и полека ја спушти кон земјата, не сакајќи да ја пушти од рака".
Во ерата на фаст-фуд секс, привлечноста на ваквата романтика не е необична, вели Ванда Брунстетер, една од авторките-основачи на овој жанр. „Кога луѓето ги читаат моите книги, тоа ги воведува во еден поедноставен начин на живот", објаснува таа. „Простирањето облека на јаже, готвење, исклучувањето телевизија и мобилни и одење на посета кај роднини и пријатели. Сме го загубле овој начин на живот. А на моите читатели тоа им треба. Амишите исто така ни се интересни затоа што нивните врски се базирани на семејството, црквата и заедницата, а не само на секс".
Се разбира, и во овие книги има физички контакти, но тие се опишани на многу суптилен начин, оставајќи простор на фантазијата. Бакнежот си го враќа одамна загубениот трон во популарната култура. Во „Амишкото искупување" еден бакнеж зафаќа дури три страници, а потоа уште неколку се посветени на маките на оној кој бакнал околу соодветноста на неговиот „имплус", за што размислува додека чита делови од Библијата.
Иако е необично кога на полиците на книжарниците во истата секција има и полуголи машки торза и жени со штиркани капиња на насловните, бројките кажуваат дека овие вториве се продаваат одлично. Во 2014, според Здружението на автори на љубовни романи на Америка, „инспиративно-религиската" категорија генерирала 720 милиони долари, со што овој жанр е трет по профит по криминалистичките романи и еротиката, која во истиот период заработила 1,5 милијарда долари.
Главнината од Амишките љубовни романчиња се читани и купувани од жени над 40, но - изненадување, тие воопшто не се Амиши туку евангелски христијанки. Ова се читателки кои сакаат романтика, но ја сакаат чиста, за да не мораат да ја кријат од нивните деца. И мнозинството автори на ваквите книги не се Амиши - всушност се спомнува само едно име на писателка која е Амиш, Линда Билер (LInda Byler), свештеничка која електричната машина за пишување ја прилагодила да работи на батерии за да може да пишува.
Многумина го споредуваат овој жанр со книжевноста од викторијанското доба, во која истите длабоко запретани страсти испливуваат на површина во најнеочекувани моменти. Идеалот за привлечен маж во „амишките“ романи е оној за здрав, силен, крупен мажјак кој не мора да биде кој знае колку убав сè додека е способен за тешка физичка работа. Кога ќе се земе предвид дека просечното амишко семејство има осум деца, а има и такви со по 22, тогаш ваквите очекувања се разбирливи.