Евгениј Морозов е американски писател и истражувач со белоруско потекло, кој ги проучува политичките и социјалните импликации на технологијата. До сега на сајтов сме го имале со неговата критика на ТЕД форматот, во „Кој ја дефинира културата во дигитално доба?“ и неговиот текст за Епстин и моралниот банкрот на технолошките елити. Редовно пишува за The New Republic, има колумна на Slate, а пишува и за куп други медиуми. Автор е на две книги „Заблудата на интернет: мрачната страна на онлајн слободата“ и „За да спасиш сè, кликни тука: измамата на технолошкиот солуционизам“. Во 2018 е прогласен за еден од 28-те највлијателни Европејци од страна на Politico. Moтото на неговиот Твитер профил е: „Циничноста како форма на помош“ (Cynicism As A Service).
Неговите ставови, дека интернет може да биде моќна алатка за масовен надзор, политичка репресија и ширење на екстремистичка пропаганда, добиваат на актуелност во моменти кога дигиталното следење се промовира како начин за контролирање на пандемијата. Но во моментов тој прави и нешто многу поважно - преку сајт којшто го уредува овозможува увид во одбрани и проверени информации од различни области, меѓу кои и такви поврзани со Ковид-19.
The Syllabus се состои од линкови до релевантни книги, подкасти, научни статии, видеа и новинарски статии. Можат да се одберат тематски силабуси кои се освежуваат на неделна основа, поделени на следниов начин: Космополитот (глобални прашања), Активистот (социјална правда), Интелектуалецот (уметност и идеи), Прогресивецот (политичка економија на глобален капитализам) и Машинистот (технологија). Постои и рубрика „гостин-уредник“ во која до сега гостувале Брајан Ино, архитектот Рем Колхас, или министерката за образование на Финска, Ли Андерсон. Со регистрација е можно и правење на сопствена листа која би ги обединила личните теми од интерес.
Во преамбулата на сајтот се вели дека неговата мисија е да ги издвои „најдобрите, најдлабоките и најважните парчиња од огромниот куп информации“, и да се ископаат и промовираат „скриените скапоцени камења кои минуваат незабележани во секојдневната какофонија“.
И навистина, во последниве шест години креативната комбинација на алгоритми и луѓе за откривање на најлеревантните информации кои се маргинализирани на други платформи, вродува со плод. Особено значајна се покажува новата рубрика посветена на пандемијата која курира статии на повеќе јазици кои се однесуваат на различни аспекти на овој феномен - климатски, економски, академски, медицински, хуманитарен итн.
Во репортажа објавена во The Correspondent за самите почетоци на сајтот, Морозов открива дека овој мегаломански проект го креирал поради сопствената потреба за организирање на времето за пристап до релевантни информации, односно за создавање ефикасен и самодоволен систем кој би го овозможил тоа. Со оглед на критериумот на „кликабилност“ како основен во избивањето на прв план на некоја информација онлајн, голем број од оние кои се релевантни, но не се доволно „питки“, остануваат во позадината. На Силабус, релевантноста не се одредува преку популарност и не се базира на тн. „економија на вниманието“, односно на борбата за привлекување читатели, туку станува збор за еден вид „герила кампања“. Подетално, методологијата на избор на значајни зборови, концепти, имиња и институции е опишан во интервјуто.
Останува да ги искористите благодатите на овој огромен труд, кој секако бара и малку повеќе личен ангажман отколку менталитетот на „прочитав на Фејсбук“. За Силабус тука.