Астра Тејлор, најпозната по нејзините документарци Zizek! и Examined Life, во нејзината нова книга „Платформата на народот: преземање на моќта и културата во дигиталното доба" (април 2014) вели дека широко распространетото уверување дека интернет е алатка за демократизација без преседан во историјата на човештвото е рамно на техно-утопија, и дека нашите лајкови и шерови всушност прецизно ја отсликуваат, и дополнително ја акцентираат нееднаквоста од каков и да е вид која владее офлајн. Вниманието и влијанието им припаѓа на оние кои веќе и онака имаат прилично добар дел од обете и вон интернет.
Не се работи за револуција, вели Тејлор, туку за преуредување - наместо холивудските могули сега дефинирањето на она што е мејнстрим во културата го прават Амазон, Епл или Гугл. А најлошите навики на стариот медиумски модел - притисокот лесно да се дојде до слава, да се биде брз и сензационалистички, се развија и онлајн, каде „агрегирањето" на делата на другите е најсигурен начин да се предизвика внимание и да се дојде до приход. Кога културата е бесплатна, тогаш вредноста на креативната работа се намалува, а во прв план се наметнува рекламирањето. На овој начин „новиот" поредок некако чудно личи на стариот.
Како и во многу други области, и во онаа на културата работите нема да се случат само благодарение на новите технологии. Платформите за собирање донации не можат да бидат замена за суштинската, одржлива поддршка од страна на различни институции, без оглед колкава е таа. Доколку оставиме пазарот да одлучи каде ќе одат парите, некои иновативни, ризични проекти ќе останат засекогаш нереализирани.
Наместо да се обидуваме да градиме паралелен, виртуелен свет на квази културна демократија, неа треба да ја поставиме на здрави нозе и да ја негуваме во реалноста - вели Тејлор. Еден добар пример според неа се законите, како оној во Франција наречен Лангов закон според министерот за култура кој го вовел, со кои се штитат малите книжарници од големите синџири како Амазон преку фиксирање на цената на книгите кои се отпечатени на задната корица и на која не смее да се дава попуст поголем од 5%. На тој начин општеството во целина ја демократизира културата, одбирајќи да инвестира во дела кои не се очигледно популарни или лесни за разбирање. Тоа значи поддржување на различни популации обезбедувајќи им платформа на кои тие можат да се натпреваруваат по еднакви услови. Културата не е, и не смее да биде работа на понуда и побарувачка, а квалитетните структурни услови за производство на уметност не се исто што и олеснувањето на наоѓање кола или стан на сајтовите за огласи.
Критичарите на Тејлор ѝ замеруваат за подеднаков утопизам за каков што таа ги обвинува другите, а на книгата дека ѝ недостасува историски контекст и конзистентност. Таа, како што вели Евгениј Морозов од New Republic, на некој начин имплицира дека интернет е заложник на идиоти со ограничена имагинација, а дека рекламирањето на културни производи е по дефиниција лошо дури и кога ѝ служи на целта - собирањето средства за нивното постоење. Но она со што тој се согласува е дека постојат огромни пропусти од политички и од економски аспект на левицата во врска со дигиталната демократија и отпорот кон неолибералната агенда на пазарната приватизација и во оваа сфера, која според него е толку „конзистентно анемична".