Што значи да си „присутен“ на час во ерата на Ковид?

Има добра причина за бележење на оправданите и неоправданите изостаноци од школо - самото присуство на час е дел од образовниот процес но и од социјализацијата која ја овозможува училиштето. Бројот на ученици е и основата за тоа колку вработени се потребни во училиштата и како е организирана наставата во нив. Што е со сето ова во ситуација на онлајн настава?

Сега и таа навидум едноставна мерка - „тука“ или „отсутен“ - веќе не е едноставна. Како да се бележи присуството на децата од основно и на средношколците ако наставата се одвива онлајн? Дури и под претпоставка дека секое семејство е во можност да обезбеди компјутер и интернет, дали е доволно да се појави знак дека ученик со тоа и тоа име се приклучил на платформата, или детето треба да биде присутно со слика и со глас? Што е со заштитата на приватноста на малолетниците? Кој ќе биде одговорен ако ученикот не се појавува онлајн подолг период?

Досегашните проценки се дека пропуштањето на 10% од работните денови годишно е „ран сигнал на предупредување“ дека ученикот ќе има ниски оценки. Согласно ова се мери не само успехот на децата, туку и на училиштата кои прават посебни напори изостаноците да се сведени на минимум, дури и ако се оправдани.

Така, податокот за присуство е информација која има и политички аспект, особено во земји како САД, каде стапките на целосно напуштање на школото се особено високи кај семејства со ниски примања. Федералните притисоци се од различни видови, и се опишуваат како метод на „стапот и морковот“. Морковот се различни кампањи за зголемување на свесноста за значењето на присуството, а „стапот“ се заканите со тужби заради „образовно занемарување“ на учениците, од родителите или од школото.

Но ова не е проблем само на американското образование. Една зафркната работа која сега ќе треба да ја разрешат образовните власти и училиштата е како ќе ги бележат изостаноците, и дали размена на обична чет порака на Вибер, на пример, ќе се смета за знак на присуство. Или можеби наместо дремење пред монитор на камера ќе биде поважно дали учениците враќаат со домашни и дали ги завршуваат задачите кои им се доделени.

Кај нас школската година треба да почне за една недела и ништо од сето ова не (ни) е јасно. Освен тоа дека би сакале да сме оправдано отсутни.

извор

24 септември 2020 - 16:11