Што значи ако нешто е „веројатно“ или „има шанси“ да се случи?

Некои зборови во колоквијалниот говор се доволно прецизни да искажуваат некаква тенденција. Но истовремено се крајно субјективни, па разликата во интерпретацијата на нивната тежина може да претставува голем проблем. Истражувачите и тука пронашле родови разлики.

Често користиме термини за опис на шанса нешто да се случи или не, на пример „Тешко веројатно дека денес ќе врне“ или „Има реална шанса да стигнеме пред да се стемни“. Не само што ваквите „пробабилистички“ термини се субјективни, туку можат да бидат толкувани на многу различни начини. „Тешко веројатно“ за некого може да значи „никако“, а за друг сепак остава мала можност нештото да се случи. 

Еден познат пример за ваквото различно толкување е документ објавен во март 1951 од страна на Канцеларијата за национални проценки на ЦИА. Во него се сугерирало дека советски напад врз Југославија во рок од една година е „сериозна можност“. Шерман Кент, професор по историја на Универзитетот во Јеил, кој тогаш бил повикан во Вашингтон да биде еден од раководителите на спомнатата Канцеларија, бил збунет околку тоа што точно значи „сериозна можност“. Неговата интерпретација била дека шансата за напад била околу 65%. Но потоа ги прашал членовите на Бордот за национални проценки, и слушнал цифри од 20%-80%. Ваквиот широк опсег очигледно претставувал проблем, со оглед на последиците од ваквите екстреми врз политичките одлуки. Кент сфатил дека проблемот е во тоа што не биле користени бројки, туку зборови.

Од тогаш се нема променето многу. Денес луѓето во светот на бизнисот, инвестициите и политиката продолжуваат да користат неодредени зборови за да опишат можни исходи. Зошто? Еден од поочигледните одговори е дека неодреденоста на зборовите овозможува политичка безбедност. Ако е бројка, таа е мерлива и очигледна. Ако е збор како „можно“, „веројатно“, „изгледа дека“, тогаш постои голем простор за човек да се оправда ако не излезе како што предвидел. И ова не се однесува само на оправдување на оној што го кажал зборот, туку и на оној што го слушнал и поверувал во него, затоа што така сакал. 

Во 2018 списанието Харвард бизнис ривју направи онлајн анкета во која учесниците требаше да доделат проценти на 23 термини како „вистинска можност“, „умерена веројатност“, „сериозна можност“, „нема изгледи“, „често“, „вообичаено“ и сл. На анкетата одговориле 1700 учесници.

Широките варијации кои тие им ги доделувале на одредени зборови веднаш паѓаат в очи. На пример „секогаш“ за повеќето од нив значи „100% од времето“, но „реална можност“ за нешто да се случи е 20-80%. Најзбунувачки е зборот „можно“ (possible) и неговите варијации кои можат да предизвикаат голема конфузија. 

И сега најинтересното. Мажите и жените ги согледуваат пробабилистичките зборови различно. Жените почесто користат двосмислени зборови и фрази како „можеби“, „веројатно“ и „изгледа ќе се случи“ (како спомнатите политичари?) и им припишуваат повисока веројатност. 

Во обичен муабет ваквите нијанси помеѓу веројатностите можеби и не се толку битни. И да е можно и да е веројатно дека ќе врне, самото ќе се каже дали тоа ќе биде така. Но за посериозни анализи и предвидувања на иднината треба да се постават следниве прашања: за каков процент шанса зборуваме и за кој временски период. Затоа што шансата некогаш воопшто да врне секако е 100%.

извор

27 јуни 2022 - 14:51