Ирскиот кантавтор Глен Хансард почина вчера, 29 јули, на 56-годишна возраст во сообраќајна несреќа со мотор во близина на Даблин. Неговата смрт предизвика бран реакции меѓу музичарите (Спрингстин, Боно, Eлвис Костело), филмските автори и бројните обожаватели, кои го паметат како човек што со својата музика создаваше исклучителна блискост со публиката.
Хансард ја започна својата кариера како фронтмен на ирската рок-група Д Фрејмс, основана во 1990 година, но светската слава ја стекна со филмот „Еднаш“ (Once, 2007), во кој ја толкуваше улогата на уличен музичар од Даблин. Филмот, снимен со скромен буџет, прерасна во светски феномен благодарение на својата искреност, минимализмот и музиката што природно произлегува од приказната.
Режисерот Џон Карни првично размислувал главната улога да му ја довери на професионален актер, но на крајот се одлучил за Хансард – музичар кој, како што самиот изјавил, „може малку да глуми“, наместо актер кој би требало да научи убедливо да пее. Тој избор се покажал како пресуден. Заедно со чешката музичарка Маркета Ирглова, Хансард создаде една од највпечатливите музички романси на современиот филм.
Песната „Бавно паѓање“, која ја изведоа двајцата, освои Оскар за најдобра оригинална песна, а филмот и денес важи за едно од најценетите независни остварувања.
Иако филмскиот успех му отвори нови врати, Хансард никогаш не се оддалечи од своите корени. Често се враќаше на улицата Графтон во Даблин, каде што некогаш настапувал како уличен музичар, свирејќи заедно со млади изведувачи и поддржувајќи ја локалната музичка сцена. Како соло-автор објави повеќе успешни албуми, меѓу кои и „Didn't He Ramble“ (2015), номиниран за Греми. До самиот крај остана активен творец, а нова музика објави само еден месец пред трагичната несреќа. Често зборуваше за тоа како сега тригодишниот син oд бракот со финската поетеса Мари Саарица му го променил животот.
Покрај музичката кариера, Хансард беше познат и по својот хуманитарен ангажман. Тој ја основа традиционалната Christmas Eve Busk во Даблин – божиќен уличен концерт на кој музичари собираат средства за организациите што им помагаат на бездомниците. Колегите и пријателите го опишуваат како исклучително скромен, дарежлив и топол човек, секогаш подготвен да им помогне на помладите музичари. Токму затоа, веста за неговата смрт предизвика искрени реакции од луѓе кои соработувале со него, но и од многумина што го паметат само по еден концерт или случајна средба.
Хансард на погребот на Шејн МекГоуан:
фото: EpaImages