Го ослободија Кувајт од Садам, не можат да го одбранат од Иран

Додека Вашингтон ја преиспитува оправданоста на своето големо воено присуство во Кувајт, лидерите на емиратот се принудени да избираат помеѓу лоша и уште полоша опција. Како домаќини на американските воени бази, трпат напади врз енергетски центри и не можат да продаваат нафта. Ако Американците заминат, ќе нема кој да ги брани од идна копнена инвазија.

Откако во Првата заливска војна во 1991 година го ослободија Кувајт од ирачката воена инвазија и ги протераа силите на Садам Хусеин, Американците изградија голема воена база во Кувајт во која стационираа илјадници војници, тешка артилерија, тенковски единици и центри за одржување и поправка на оружјето и опремата.

Тоа требаше да биде одвраќање за Садам, гаранција за безбедноста на емиратот, но и логистички центар од кој САД можат да ги штитат своите интереси пошироко на Блискиот Исток. Војната со Иран го доведе во прашање овој аранжман и за САД и за Кувајт.

Вистинското прашање е дали, доколку продолжи војната со Иран, толку големо американско присуство сè уште има смисла, вели Елизабет Дент, поранешна службеничка во Пентагон задолжена за регионот на Персискиот Залив.

Извори на Волстрит журнал тврдат дека уште пред да почне војната Пентагон размислувал за намалување на своите сили. Откако војната почна, некои сили беа повлечени за да се намали ризикот за војниците.

Домаќините сè уште имаат потреба од безбедносни гаранции, но од друга страна токму присуството на американските сили ги изложува како цел на иранските одмазднички напади.

Иран го нападна Кувајт со стотици ракети и беспилотни летала насочени кон постројките за електрична енергија и за десалинизација на вода, меѓународниот аеродром и пристаништето во Персискиот Залив. Повеќе од 90% од водата за пиење во Кувајт се обезбедува преку постројките за десалинизација интегрирани со електраните. Некои претрпеа штета и во обновените ирански напади во јули.

Поради затворањето на Ормускиот теснец, извозот на Кувајт од речиси 2 милиони барели дневно е запрен со месеци, со што светот остана без околу 2% од своите дневни потреби, а земјата остана без главниот извор на приходи.

САД соопштија дека нивните системи за противвоздушна одбрана собориле поголем дел од иранските проектили и „спасиле безброј животи“. Но, во март во базата во Кувајт загинаа и шест американски војници, во еден од најсмртоносните ирански напади во војната.

Нападите ги натераа луѓето во Кувајт да гледаат на американското присуство и како товар и апсолутно неопходно за одбрана, вели Даглас Силиман, поранешен амбасадор на САД во Кувајт.

Иако трпи огромна штета од војната, главната загриженост на Кувајт, за разлика од другите арапски земји во регионот, е заканата од копнена инвазија.

Кувајт се соочува со поопасно безбедносно опкружување и постои потреба од проширување на кругот на безбедносни партнери. Без разлика дали Американците се таму или не, заканите од Иран. Ситуацијата од 90-тите години, кога Американците интервенираа со конвенционални сили, денес не важи. Ова е повик за будење, вели Бадер ал-Саиф, професор по историја на Универзитетот во Кувајт Сити.

31 јули 2026 - 09:27