Европа мобилизира кози против пожари

Шумските пожари во Шпанија и Франција полека стивнаа. Вонредната состојба официјално е укината, но службите остануваат внимателни бидејќи топлотниот бран може да ги разгори жариштата. За да се спречат огнени катастрофи во иднина, се бара поддршка за одгледувањето кози, кои по природен пат го расчистуваат запаливиот терен од суви грмушки.

Низ Европа сериозно се разгледува идејата за користење домашни животни за да се создадат зони отпорни на пожари. Европската комисија се повикува на истражувања што покажуваат дека брстењето грмушки помогнало за ограниченото ширење на шумските пожари во шпанските региони Екстремадура, Андалузија и Валенсија.

Иако потенцијалното решение се чини дека е природно и едноставно, не е евтино, бидејќи на козарите и овчарите не им оди добро и честопати зависат од владини субвенции за да заработат за живот. Експерти и лобисти за земјоделството реагираат дека политичарите повеќе се фокусираат на капацитетите и трошоците за гаснење на пожарите откако ќе пламнат, отколку на инвестиции во превенција.

Ја разбираме потребата од финансирање на пожарникарите, но треба да ја препознаеме и улогата на овчарите, изјави Жорди Вендрел од непрофитна организација „Пау Коста“.

Земјоделството е тесно поврзано со дивите пожари. На напуштеното земјоделско земјиште растат грмушки кои оставени долго без дожд се сушат или хомогени шуми што лесно горат. Сателитската опсерваторија на европската вселенска програма Коперникус потврди дека најголемите пожари што моментално беснеат низ Европа избувнале токму во областите каде што шумите и грмушестата вегетација формираат големи поврзани предели.

Грмушките се изобилство од природна храна за козите, но одржувањето на стадата е тешко, бидејќи секторот не е профитабилен и затоа не привлекува млади луѓе.

Како позитивен пример се истакнува каталонскиот проект „Огнени стада“, кој ја спојува превенцијата од пожари со комерцијалното земјоделство. Со финансиска поддршка од локалната власт преку фондовите на ЕУ за земјоделство, одгледувачите на кози и овци ги насочуваат своите животни да пасат во одредени предели означени како висок ризик од пожари. Сточарите потоа ги продаваат млечните производи со посебна ознака што ги информира купувачите за заштитничката мисија.

Други локални региони во Шпанија ја прифатија оваа иницијатива вклучувајќи кози, овци, крави, па дури и коњи. Ефектите се видливи. Во регионот Кусо има листа на чекање од два месеца за купување месо од говеда што биле вклучени во иницијативата.

За регионот околу Мадрид, каде што актуелните пожари уништија 27.000 хектари, е планиран проект од 800.000 евра за локалните фарми за ангажирање на животни да прочистат шумска површина од 3.700 хектари.

Методот на чување стада не треба да биде единственото решение, но тој е и неопходен. Без животни што пасат, ниската вегетација постојано ќе се обновува, вели Урбано Фра Палео од Универзитетот во Екстремадура.

1 август 2026 - 11:38