На соништата е посветена куп теориска литература, и таа главно ги смета за реалност од понизок вид, која добива на значење само доколку се рационализира - барем на овој начин им пристапува западната академска средина. Она што Морин го сфатил при неговото истражување на соништата и во други култури е дека тие често значат враќање кон мистицизмот или божественото, и им овозможуваат на луѓето да размислуваат магиски без притоа да бидат стигматизирани.
Истовремено, тој забележал и трендови во однос на специфични групи население или култури. Насилните кошмари се (логично) покарактеристични за местата каде има реално насилство, граничните места на Мексико во кои владеат постојани пресметки помеѓу банди, или воената зона на источна Украина. Благослови од богови и божици се честа тема на соништата во Индија, а во посекуларните западни општества истата функција можат да ја вршат и славни личности.
Нешто во стилот на „Луѓето на Њујорк", фотографскиот проект за бележење на приказни на жителите на овој град, и кај Морин се слеваат приказни, но сонувани. Тие ни кажуваат нешто и за нивните сопственици, но и за нас како вид - од што се плашиме и што посакуваме. Еве некои од нив (нам ни е омилен оној со Чаплин):
„Секогаш сакав да одам во Америка. Неодамна сонував дека одам таму со моите две сестри. Се забавуваме, но наеднаш почнавме да се тепаме со пиштоли. Таму има многу, многу оружје, и многу крв. Америка е убава земја, но има многу бомби" - Девпур, Индија
„Родив бебе, но тоа испадна сендвич. Го ставив во ранец. Потоа одеднаш си реков - Леле, си го заборавив бебето. Јас сум ужасна мајка!" - Лос Анѓелес, САД
„Кога имав 16, сонував дека сум добил на лотарија. Првата работа секако беше да го купам моето средно школо. Кога ми ѕвонеше алармот се подразбудив и си реков - Не морам да одам на школо, сега тоа е мое. Потоа се свртев и продолжив да спијам." - Ванкувер, Канада
„Моите кошмари започнаа во ноември 2013. Никој не мислеше на војна тогаш. Но го видов тоа во моите соништа. Се криев од пукање со маж ми во урнатините на нашиот дом. Не верував во соништа претходно" - Семенивка, Украина
„Во моите соништа го гледам Бог. Доаѓа како силна светлина. Еден голем ангел ме покрива, мене, моите деца и моите 14 внучиња" - Тихуана, Мексико
„Сонував дека сум бил во Швајцарија и сум ги посетил гробовите на Чарли Чаплин и неговата жена Оона. Тие станаа од гробот. 'Ашук', ми рекоа, 'ти правиш добрини на овој свет'. Потоа ме прегрнаа, а јас заплакав" - Адипур, Индија