Во 2010 Брендон Стантон, инаку дипломиран историчар, останал без неговата работа во банка, а тукушто го купил неговиот прв полупрофесионален апарат, со кој почнал да слика случајни минувачи во Њујорк. Целта му била да создаде еден вид „фотографски попис", кој (буквално) ќе ги отслика сите нијанси на карактери и ликови кои живеат во метрополата.
Но Humans of New York (Hony) од личен проект набргу прерасна во меѓународен феномен, бидејќи за неколку години дојде до осум милиони фанови на Фејсбук и стотици илјади следбеници на Твитер и Тамблер.
Она што сепак го издвојува неговиот пристап од оној на „обичен" фоторепортер е што тој прави муабет со сликаните, и во склоп на нивната фотографија издвојува некој детал кој тие му го раскажуваат, во врска со нив и нивниот живот. И тоа какви детали! Или луѓето имаат огромна потреба од комуникација па едвај чекаат некој да им пристапи за да му ја отворат душата, или Брендон има некој посебен пристап. Во секој случај некои од приказните на сајтот знаат да бидат необични, трогателни и..хумани.
Но да се најдеш на блогот на Брендон почна да станува и исплатливо, во смисла на медиумско внимание, но и на реални ангажмани. Извесен Ерик Јурџил, кој исто така се занимава со фотографија правејќи „падлграмс" - слики направени исклучиво во отсјај од вода - бил сликан од Стентон во февруари, донесувајќи му 4,000 нови следбеници на Инстаграм за само неколку денови, а неговите фотографии биле претставени и на Buzzfeed.
И ова е само еден од многуте примери. Hony стана и книга-бестселер (беше објавена во октомври 2013), а варијанти на истиот проект сега никнат и во Лондон, Лидс и Бризбејн. Денес сосема случајно налетавме и на скопска референца - на фотографијата додуша не е мештанин, туку гостин, ама пак се важи.
Во склоп на њујоршката демографија имаме (нормално) и наш претставник, Здравко, кој кога бил сликан од Стентон (токму ова фото), најискрено изјавил: „Секогаш ми беше страв дека ќе налетам на тебе и нема да имам апсолутно ништо да изјавам". Ама ете, имал. Плус е фатен во достоинствена поза, со книга.
Настапот на ТЕДx на Колумбија на Стентон (станува интересно од 3-та минута)