Во 1983, Вилијам Блети, автор на романот „Егзорцистот“, го тужеше Њујорк Тајмс. Неговото тврдење беше дека Тајмс некоректно го исклучил неговото дело, „Легија“ (продолжение на „Егзорцистот“) од својата бестселер листа - рангирање кое наводно покажува кои книги најдобро се продавале таа недела во САД.
Според адвокатите на Блети, „Легија“ се продала во доволен број примероци за да заслужи место на списокот, па нејзиното отсуство се должело или на невнимание или на намерна измама, за што на Блети му следела компензација. Тогаш Тајмс излезе со нешто што звучи како изненадувачко признание: бестселер листата не е математички објективна; таа е уредничка содржина, која како таква е заштитена од Првиот амандман. Судот пресудил во корист на Њујорк Тајмс.
Овој случај посочува кон една фундаментална вистина во врска со списоците на најдобро продавани книги која често се заборава среде вртлогот на неделните објави: дека тие не се неутрален увид во она што јавноста навистина го чита. Всушност, тие ги отсликуваат уредничките одлуки за тоа како и што да се брои. Промените на листите можат да рефлектираат промени во методологијата на броење, а не промени на пазарот. И покрај нивната необјективност, или можеби токму поради неа, овие уреднички и методолошки одлуки можат да имаат огромен ефект врз тоа кои книги и кои автори ја добиваат честа да се појават на листата. Истовремено, тие ја моделираат јавната перцепција за тоа што се чита и што би требало да се чита следно.
Во анализа објавена на сајтот Паблик Букс се посочува уште еден битен момент кој дополнително ја нарушува објективноста - поделбата на продажбата согласно форматот на книгата (мек и тврд повез). Во 1950-тите и 1960-тите, фактот дека Тајмс ги објавувал продажбите исклучиво на книгите со тврд повез значело дека најпопуларните писатели од тоа време ретко се појавувале на листата, бидејќи најголемиот број нивни книги биле во поевтин, мек формат. Денес, Тајмс објавува посебни листи за различни формати, и нивната содржина често ги рефлектира статусните хиерархии поврзани со различни жанрови и заедници на читатели.
Преку анализа на сите книги кои влегле на листата на белетристика во тврд повез помеѓу 1931 и 2020 може да се анализира историјата на книжевноста во САД. Оваа визуелизација покажува кои жанрови се поајвувале најчесто - речиси цел век двата најпопуларни биле „историски“ и „детективски и мистерии“.
Дистрибуцијата во текот на подолг период на жанровите сепак не е изедначен. Некои излегувале од мода, други станувале популарни. На пример, историската фикција опаднала (пикот бил околу 1940-тите), а најдолната точка била во 2000-тите (кога претставувала само 10% од романите на списокот). Во меѓувреме „трилер и напнатост“ и „детективски романи и мистерија“ станале многу позастапени, а особен пораст забележуваат помеѓу 1980 и 2000.
Што се променило? За да се одговори на ова прашање треба да се знае дека во раните денови на листата на Њујорк Тајмс, романите во тврд повез главно биле продавани во книжарници, каде влегувале релативно побогати и поурбани муштерии. Оние со мек повез биле продавани на различни места, вклучително во пиљари, трафики и на крај во супермаркети. Овие книги биле достапни до многу поширока публика, и поради попристапните цени но и поради пошироката географска дистрибуција.
Сепак, со децении, значи до 1976, Њујорк Тајмс не ги земал предвид вториве, иако тие сигурно биле продавани во многу поголем број. На тој начин промовирал елитна култура и ги маргинализирал книгите кои никогаш не доживеале тврд формат, или пак кои имале тврд формат но поради попристапната цена многу повеќе се продавале во мек.
Колку би била различна историјата на листата доколку би се зеле предвид, уште од самиот почеток, продажбите во различни формати и во различни продавници? Прашањето не може да биде одговорено затоа што не постојат компаративни листи на бестселери пред доцните 1960-ти, а листата за книги со мек повез на поширокиот пазар на Тајмс е дигитализирана само за периодот помеѓу 2008-2017. Сепак, очигледно е дека авторите кои се појавуваат само на хардкавер листата се луѓе кои пишуваат книги од различни жанрови, но кои генерално зафаќаат „попрестижно“ место во културната индустрија - добитници на Пулицер, на Нобелова или книги кои се адаптирани во филмови коибиле номинирани за Оскар. Во меѓувреме, топ авторите кои се појавиле САМО на другата листа во поголемиот број случаи се - жени. Сие се примарно авторки на романси, иако има и повеќе поджанрови како еротски, историски, паранормални. Дури и денес овие не се печатат во тврд повез.
Имајќи ги предвид овие, и голем број други ограничувања, што е тогаш дефиницијата на бестселер? На прв поглед изгледа дека е едноставно - книга што е најдобро продавана. Но вистината изгледа многу покомплицирана. Бидејќи романите се објавуваат во различни формати и се продаваат во различни видови дуќани, мора да се направи одлука како и што ќе се брои. Ова не значи дека ним не треба да им се верува, но истовремено треба да се знае методологијата зад нив и дека тука игра улога конкретна човечка - уредничка - улога. Со оглед на огромното влијание на листите врз понатамошната продажба и популарност, ова е голема одговорност.