Лукрециј бил материјалист и епикуреец кој не верувал во богови или во постоење на душа. Сметал дека сета природа е составена од материја која постојано се менува. Со оглед на тоа што ништо не е статично, тоа значи и дека ништо не е вечно. Сè на крајот минува и умира. Смртта, според Лукрециј (целосно име Тит Лукрециј Кар),му овозможува на новиот живот да се појави на местото на стариот.
Кога нема непосредна опасност од умирање, луѓето се помалку уплашени од смртта, вели тој во недовршениот еп во шест книги De Rerum Natura (За природата на нештата). Но кога ќе удрат болеста или опасноста, луѓето се плашат и почнуваат да размислуваат за тоа што доаѓа по неа.
Некои се тешат со мислата дека имаат нематеријални души, дека има благонаклон Бог или дека постои вечен живот. Во секој случај, она што е заедничко за сите е мислата дека бесмртната душа е позначајна отколку телото и материјалниот свет.
Иако на прво слушање звучи утешно (ако не е битно телото, значи не му треба ни брашно ни тоалет хартија), ова може да доведе до рушење на социјалните системи заради ирационални однесувања, но и намалување на квалитетот на животот. Интензивната мисла на смрт го намалува имунитетниот систем, и нè прави поранливи на инфекции. Освен тоа, стравот од смртта ги зајакнува општествените (читај: класни) поделби (види нов оглас за „елитна изолација на Водно“), поради замислен спас со изолација од валканите и опасни „други“.
Митовите за другите раси и класи како извор на зарази се бројни. Во Европа во време на чумата се ширел глас дека Евреите направиле договор со сатаната, да добијат заштита од болеста, но во замена да фрлаат отров во бунарите на христијаните. Се проценува дека во 1321 во Франција 5000 Евреи биле изгорени на клада под ваквото обвинение. И сега, во контекст на коронавирусот, бевме сведоци на стигматизирање на секој кој изгледа како да доаѓа од Азија (иако можеби е роден и живее во Њујорк).
Стравот од смртта е тотално неразумен, затоа што според Лукрециј откако ќе умреш ниту имаш шанса да тагуваш, ниту да бидеш суден од боговите, едноставно ќе бидеш ништо. Но да се зборува на ваков начин е полесно отколку човек навистина да се однесува така. Оттаму, за римскиот филозоф, ова е најзначајниот етички предизвик со кој некој може да се соочи - без оглед дали станува збор за лично или колективно соочување. Наместо грижата за тоа што може да се случи по смртта, тој советува луѓето да се фокусираат на моменталното здравје, и на тоа да им помогнат и на оние околу нив да останат ментално и физички во ред. Точно она што сите треба да го правиме деновиве.