Петер Менделсунд е долгогодишен дизајнер на книгите на познатата издавачка куќа Knopf, и има правено корици и за класици од типот на Џојс и Кафка, но и за современи дела како „Девојката со тетоважа на змеј". Тој деновиве објави дури две книги - првата под едноставен наслов Cover е монографија која ги вклучува сите корици на кои има работено до сега, заедно со отфрлени скици, негови забелешки за начинот на кој работи, како и писма од писатели со кои има работено. Втората, под наслов „Што гледаме додека читаме“ е повеќе истражување на чинот на читањето, и за тоа како ги визуелизираме книжевните ликови.
Еве што вели тој на оваа тема:
Кога се сеќаваме на искуството на читање книга - како на пример „Ана Каренина" на Толстој - ние замислуваме континуиран проток на слики.
Ако ви речам „опишете ја Ана Каренина", веројатно ќе ја спомнете нејзината убавина. Ако сте читале внимателно, ќе ги спомнете нејзините „густи трепки", нејзината тежина, па дури и тенките мустачиња (да - таму се).
Но како навистина изгледа Ана Каренина? Може да сте интимно запознаени со некој лик, но тоа не значи дека можете вистински да ја замислите личноста. Повеќето автори свесно или не повеќе зборуваат за однесувањето на нивните ликови, отколку за нивните физички атрибути. Дури и да има физички опис, тоа се само делови од тела и случајни детали. Ние ги пополнуваме празнините. Ги сенчиме. Ги премачкуваме со сјај. Нашите ментални скици на ликовите се полоши од полициски „роботи".
Токму овие „дупки" во описите на ликовите според Менделсунд се поттици за нашата имагинација: наративите се побогати токму заради (а не наспроти) прескокнувањето. Визуелниот впечаток се фиксира само ако сте гледале филм според некоја книга, кој во случајов ќе ви рече - еве ОВА е Ана. И на тој начин кастингот на режисерот ќе стане ваша постојана ментална слика.
За разлика од гледањето филм, каде визуелните претстави ви се нудат на тацна, кога читате вашиот ум е активен формирајќи, деконструирајќи и дополнувајќи ги сликите онака како што тече дејството. Токму затоа е подобро прво да прочитате некоја книга, а потоа да го гледате филмот - тогаш шансата сликите кои ги замислил некој друг наместо вас диктаторски да ви се наметнат е многу помала, затоа што веќе си имате свои.