„Слушањето гласови", зборувањето со самите себеси и имањето замислени пријатели неправедно се сметаат за симптоми на благо лудило, дури и на тешки ментални пореметувања. Но има ли научно покритие за ваквиот стереотип? Искуството е опишано во различни култури и во разни историски епохи и покренува значајни прашања во врска со невролошката заснованост на јазикот, природата на мислата и единството на јаството.
Hearing the Voice е опишан како амбициозен, интердисциплинарен истражувачки проект на британскиот универзитет Дарам (Durham University) чија цел е да обезбеди подобро разбирање на искуството на слушање гласови при отсуство на какви и да е надворешни поттици, она истото кое во медицината е опишано како „аудио-вербална халуцинација". Со оглед на тоа што не настапува од позиција на третирање на оваа појава како „загрижувачка" или патолошка, тимот очекува дека ќе привлече бројни учесници кои слушаат гласови, но на кои до сега не им било пријатно да зборуваат за тоа. Тој се состои од истражувачи од областа на когнитивните науки, психијатријата, теологијата, но и англиската книжевност и филозофијата.
Дел од прашалникот (кого можете да го пополните тука) се однесува на искуството на слушање гласови на книжевните ликови, кои буквално зборуваат во нашата глава додека го читаме она што тие го мислат или го кажуваат. Еве некои од нив:
- Дали често ги слушате гласовите на ликовите за кои читате? Колку често?
- Дали имате визуелни или други сетилни искуства во врска со ликовите?
- Колку често го замислувате гласот на ликот кога читате? Колку се јасни овие гласови?
Не знаеме дали се води како „лик", но нам често ни се случува да го слушаме гласот на авторот додека читаме нешто во оригинал, а понекогаш дури и на преведувачот - за ваквата категорија испитаници можеби ќе направат посебен проект. Ама стварно, обидете се да ја читате „Кратка историја на времето" со гласот на Хокинг. Одма друго.