Според него, Азербејџан и Србија која е поранешен домаќин на Евровизија, имаат нешто заедничко: обете се земји во кои владеат „бескрупулозни групи новопечени богаташи".
Во коментарот се потсетува дека во белградски Ташмајдан е подигнат споменик на азербејџанскиот претседател Хејдар Алијев, кој иако почина во 2003. е сè уште во свежо сеќавање „заради војната со околу 30,000 мртви и милион протерани за кои е одговорен токму тој". Освен тоа двете земји се блиски и по корупцијата која е навлезена во сите пори на општеството, и по тоа што спорните територии (Нагорни Карабах од една, и Косово од друга страна) се бранат со крвави војни, кои се бесмислени, бидејќи тие територии се и онака загубени.„Азербејџан, како и Србија грчевито трага по идентитет соодветен на времето, и обете се на свој начин неспособни да се одвојат од минатото, кога биле непријатели на дмократијата. И во едното и во другото општество на темелен начин недостасува разбирање за човечките права. А во нив е легендарна и хомофобијата", додава Арсенијевиќ.
Натпреварот пак за песна на Евровизија, според него, е златен рудник на невкусот, но неговата популарност не изненадува - како што се одалечуваме од центарот на Европа и се движиме кон нејзините маргини, така побледи стануваат таканаречените европски вредности. Од друга страна, страста за таа мега-галаксија на евро-кичот, таа бескрајно конвенционална и тупава естетика, и тоа не само во музичка смисла, на овие територии станува сè поголема.
„Но дали и покрај сето ова некој во 2008. го доведе во прашање тоа што Србија ја организира песната на Евровизија? Тие сега аргументираат со тоа дека Србија е сепак подемократска од Азербејџан, но за жал не се во право. Србија е само посиромашна", заклучува Арсенијевиќ.