Eден ден во 1985, Детрон Греам, Афро-Американец со тип 1 дијабет, заминал со својот пријател до супер-маркет за набрзинка да купи сок од портокал кој му помагал во кризни моменти да си го регулира шеќерот. Влегол во продавницата, но откако видел дека има голем ред на каса, за да не му се слоши внатре, излегол оставајќи го шишето на земја.
Полицаец (исто така Афро-Американец), кој го набљудувал однесувањето на Греам, почнал да го следи автомобилот. Ги сопрел, и иако пријателот на Греам му кажал дека тој има „инсулинска реакција“, им рекол да чекаат додека не провери дали нешто фали од продавницата. По некое време Греам излегол од автомобилот, два пати тетеравејќи се свртел околу колата, седнал на тротоарот и се онесвестил. Кога пристигнало и засилувањето, полицајците го легнале така онесвестен и му ставиле лисици. Нивното тврдење било дека тој е пијан. Кога се подосвестил, Греам побарал да му ја видат картицата која потврдува дека е дијабетичар во новчаникот, но тие само му се раздрале. Го седнале во полициската кола, а кога некој пријател дошол со сок од портокал не му дозволиле да се напие. Дури откако продавницата потврдила дека ништо не украл, го пуштиле. Во текот на инцидентот на Греам му било скршено стопалото, се здобил со исекотини по зглобовите и повреди на челото.
Истата година тој на штаки влегол во канцеларијата на адвокатот Вуди Конет и побарал да поднесат федерална тужба против полицаецот Конор и другите службени лица присутни на местото, за прекумерна употреба на сила и прекршување на граѓански права.
Вообичаено во ваквите случаи судот се повикувал на 14-тиот амандман од Уставот, според кој треба да се докаже дека полицаецот имал „злобна намера“, односно дека со умисла ги прекршувал правата на тужителот. Поретко бил употребуван 8-миот амандман, кој заштитува против „сурово и необично казнување“. Но обата закони подразбирале тужителот да докаже дека полицајците дејствувале со лоша намера, што во случајов било невозможно. Ова било причината што Греам го загубил првото судење на федерално ниво.
Неговиот адвокатски тим потоа одлучил да ја промени стратегијата. Наместо на претходните, да се повика на 4-тиот амандман, кој вели: луѓето имаат право на лична безбедност, безбедност на нивните домови, документи и предмети во однос на НЕРАЗУМНИ претреси и запленувања“. Ова според нив подразбирало и употреба на сила како во случајот на Греам. Клучен термин притоа станал - „неразумно“.
Но ова предизвикало нови и големи проблеми. Концептот на „разумност“ не е објективно мерлив, каков што би треба да е за еден закон да е применлив. Тој подразбира кој, што, каде и кога направил, а не зошто. Тоа е основата врз која потоа се поставува прашањето - дали однесувањето на конкретното лице е разумно или не.
Во епизодата посветена на овој случај на RadioLab, се анализираат корените на овој контроверзен концепт, кои се наоѓаат многу далеку од САД, и релативно далеку од правната наука. Во 1830, во Белгија, Адолф Кителе (Adolphe Quetelet), математичар и астроном, се обидува да направи револуција во астрономијата, воведувајќи статистика. Со оглед на ниските можности на тогашните телескопи, кои често покажувале контрадикторни мерки, тој вадел просеци од нив, кои помагале во одредување, на пример, на локацијата на одредена ѕвезда на небото. Но потоа ова упросечнување сакал да го примени и на луѓето - комбинирајќи податоци од медицински списанија да дојде до просечна тежина или висина на населението. Така се дошло до идејата на l’homme moyen, „усреднетиот“ или обичниот човек, која некако влегла и во англиското законодавство.
Во викторијанска Англија, овој принцип се покажал како прилично добар, објективен показател дали тужениот во одреден случај постапувал „разумно“, споредено со однесувањето на упросечнетиот граѓанин, неговата интелигенција и морална свест. Од тука произлегол стандардот на Разумниот човек - фиктивен лик со долга правна историја, кој постои во правните одредби заедно со други споредни ликови од сличен, фиктивен тип. На судиите им било практично поседувањето на еден ваков архетипски карактер, за да се има објективна мерка во одредувањето на правична пресуда. Тој во британското право бил нарекуван „човекот од автобусот Клепам“ или некогашниот автобус број 88 кој возел низ Лондон (да речеме ко скопска двојка). Кога англиското право било преземено во Австралија тој (долго време во машки род) станал „човекот од трамвајот Бонди“, или „човекот од парниот воз Бурк“. Во Хонг-Конг бил познат како „човекот од трамвајот Шанг Ки Ван“. Од овој стандард потоа произлегувале и стандарди за разумни месари, фризери, градежници итн.
Значи она што сакале да го направат Гери и Вуди во 1985 било, по сличен принцип, во американското законодавство да го воведат ликот на „разумниот полицаец“, при што неговата разумност би се проценувала како средина од некаква екстремна попустливост и насилен однос.
Во 1989, скоро пет години по настанот во Шарлот, Северна Каролина, случајот е донесен пред Врховниот суд. Од тогаш во американското право е познат како Деторн Греам наспроти М. С. Конор. На аудио снимката од рочиштето се слушаат караници во судницата кои повеќе личат на филозофска расправа за дихотомијата субјективно-објективно и за природата на разумот. На крај во пресудата на врховниот суд се признава дека полицијата во случајов применила прекумерна сила и дека врз основа на Четвртиот амандман, кој гарантира заштита од „неразумни задржувања“, Греам е во право.
Ова во правничките кругови се дочекува како револуционерна пресуда. Веќе не е потребно да влегува во главите на полицајците и да се докажува дали тие имале лоша намера или не. Доволно е да се покаже дека дејствувале неразумно. Воведен е стандард, и тоа во прв момент изгледа како победа.
Но.
По победата на Врховен, случајот се враќа на повторно судење. Пак истата приказна, овој пат пред друга порота: дијабетичар, инсулинска реакција, во несвест, лисици, влечење, скршено стапало, други повреди...На поротата ѝ било кажано: ок, знаејќи ги сите факти, земете го овој стандард на разумност, и запрашајте се, дали она што му се случило на Деторн Греам е разумно?
Поротата заседавала. И одлучила во корист на полицаецот. Греам го загубил случајот.
Од каде ова? Колку и да изгледа необично, доколку се размислува од перспектива на полицаецот, сè што тој гледа е како црнец бега од продавница. Можеби нешто украл? Полицијата немала поим, барем во прв момент, дека тој е дијабетичар. Потоа, неговото чудно однесување кое изгледало како да може да ескалира. Па, што друго би направил РАЗУМЕН полицаец освен да го врзе?
Греам починал во 2000, на само 54 години. Неговиот син сведочи дека после губењето на овој случај бил во голема криза. Почнал да прави самоделски мебел, да оди во црква. Но и да се дрогира. „Кога некој кој има власт ќе ти ја одземе човештината, тоа те мава во центар. Во твоето битие. Така губиш нешто од себе кое не можеш да го вратиш“, вели тој.
Но името на Греам од тогаш до сега се појавува во пресуди по повод слични и многу потрагични инциденти, кои - види чудо - главно имаат врска со малтретирани или убиени Афро-Американци. Поротите, во речиси сите случаи, дури и за убиство на 12-годишно момче кое држело воздушен пиштол, пресудиле дека полицајците реагирале РАЗУМНО.
Така, она што сите се надевале дека ќе воспостави нов стандард во корист на жртвите, излегло дека е стандард во корист на обвинетите полициски службеници. Проблемот е што поротата е поттикнувана да размислува од гледна точка на полицаецот, земајќи предвид еден многу важен елемент - дека тој често е присилен да донесува брзи одлуки во врска со количината на сила неопходна за одредена ситуација. Така „разумната“ природа на постапката е тесно врзана со факторот време, односно со една судбоносна секунда во која работите можат да тргнат во еден или друг правец. А не со целосниот контекст на случајот. Така, скоро секој РАЗУМЕН член на порота ќе пресуди во корист на сиротиот, уплашен и збунет полицаец. Ова, како и генералната обука на американската полиција која се фокусира на преживување на работниот век (слично како преживување во ситуација на војна), само го зголемува бројот на инциденти.
Како ќе се одвива судењето на Дерек Шовин останува да се види. Но речиси е сигурно дека дел од приказната ќе биде и фамозниот Четврт амандман, и случајот на Детрон Греам.