Истражувањата од областа на когнитивните науки, психологијата и неврологијата покажуваaт дека длабокото читање - бавното, богато со емоција, со сетилни детали, истовремено и морално комплексно - е различно од едноставното „препознавање пишувани зборови“. Иако ова не подразбира дека мора да се чита конвенционална книга, печатените верзии се сепак многу посоодветни за ваквото читачко искуство. На пример фактот што во книга нема линкови го ослободува читателот од тоа да носи одлука (да го кликнам линков или не?), овозможувајќи му да остане целосно вкопан во наратицијата.
Ова „вкопување" (препушање, тонење) е поддржано од начинот на кој мозокот ракува со јазик кој е богат со детали, алузии и метафори - тоа е истиот оној дел од него кој би бил активен доколку сцената опишана во книгата би се одвивала во реалниот живот. Емоционалните ситуации и моралните дилеми на ликовите се исто така добра вежба за мозокот, која ни овозможува да влеземе во положение (на ликовите, но воопшто и на другите луѓе) и ни го зголемува животниот капацитет за емпатија.
Чисто биолошки, луѓето не се родени за да читаат. Според Маријан Вулф, авторка на „Пруст и лигњата: приказната и науката за читачкиот мозок", има разлика помеѓу способноста за производство на говорен јазик, програма која е диктирана од нашите гени, и способноста за читање, којашто се стекнува, понекогаш со тешки маки. „Читачките кола" ги конструираме самите, во делови од мозокот кои еволуирале за други цели.
За разлика од „длабокото читање", она на интернет е многу различно, и во начинот на кој го структурира искуството, и во капацитетите кои ги гради. Минатиот месец организацијата Britain's National Literacy Trust објави резултати од студија која вклучила 34,910 млади луѓе на возраст од 8-16 години. Истражувачите дошле до заклучок дека 39% од децата и тинејџерите читаат на дневна база користејќи електронски уреди, а 28% читале печатени материјали. Првите три пати помалку уживале во читателското искуство, и во три пати помалку случаи имале омилена книга. Тие само декодирале зборови, но не „читале" во вистинската смисла на зборот, кој оди вон и над обичната постапка на добивање информации преку пишуван медиум.
Разликата помеѓу првото и второто книжевниот критичар Френк Кермод го опишува како разлика помеѓу „телесно" (материјално, карнално) читање и „духовното". Иако никогаш не нè бендисувала оваа вештачка поделба на телесното како примитивно и површно, а на духовното како цивилизирано и „длабоко", му ја сфаќаме поентата. Кога тоа што го читаш ти е убаво, всушност забавуваш (во смисла на бавност), си замислуваш и размислуваш. Си правиш муабет со авторот, а понекогаш може да се случи и да се заљубиш во него. И исто како и во животот, ако не си го искусил тоа чувство, не е погубно, но е греота.