
Во последната, антологиска сцена на „Граѓанинот Кејн“, работници го расчистуваат неговиот огромен имот и ги горат неговите предмети. Помеѓу купиштата ѕирка една санка која завршува во печката. Додека гори, камерата се задржува на неа и на неа за прв пат го гледаме испишано нејзиното име - „Роузбад“, последниот збор што го изговара нејзиниот сопственик Чарлс Фостер Кејн на смртната постела. Санката го претставува последниот момент на вистинска среќа и невиност пред славата и моќта да му го променат животот на полошо.
Дрвениот реквизит сега се продаде на ауција за речиси 15 милиони долари. Изработена од бор, со оригиналната боја и видливи траги од користење на снимањето, како и отстранети шини (веројатно дадени за рециклажа за време на војната), санката му припаѓала на режисерот Џо Данте, кој ја добил додека работел на филмот „Истражувачи“ (1985), кога му ја понудил некој од екипата што расчистувала дел од студиото „Парамаунт“.
„Еден од техничарите, кој знаеше дека сум фан на стари филмови, дојде со дрвен реквизит и ми рече: ‘Го фрлаат ова, можеби ова ќе ти биде интересно,’“ се присетува Данте. „Не сум сигурен дека знаеше што е точно санката, но сигурно имал некоја претпоставка, инаку зошто би ми ја понудил?“ „Бев запрепастен. Како огромен фан на „Граѓанинот Кејн“, реков: ‘Секако дека ќе ја земам.’“
Тестирањето ја потврдило автентичноста на санката.
По продажбата на црвените чевли од „Волшебникот од Оз“ (1939) за 32,5 милиони долари во декември, ова е второто највредно парче филмски реквизит кое некогаш е продадено. Продажната цена за санката изнесувала 14,75 милиони долари (со вклучени давачки), а купувачот останал анонимен.
Додека ја поседувал, Данте ја вметнал санката како детал во неколку свои дела, меѓу кои и „Гремлини 2“.
Од филмот „Граѓанинот Кејн“ всушност постојат неколку санки што се користеле при снимањето. Други две се продадени претходно: една во 1982 година за 60.500 долари на менторот на Данте, Стивен Спилберг, и друга во 1996 година за 233.000 долари на анонимен купувач.